Австриски Конзулат – Конзулска Битола

Австрија заедно со Велика Британија се првите држави што отворија дипломатско конзуларно претставништво во 21.XI.1851 год. во Битола. Првиот дипломатски претставник на Австрија (од 1868 год. Австро Унгарија) во Битола бил Фридрих Ритер Маер.

До крајот на 50 години се смениле повеќе конзули и Вице конзули како: Атанацковиќ, Вестер Маер, Вулетиќ, Франц Ритер Саретиќи др. Иако немаме информации за Австро-унгарските конзули во Битола за периодот помеѓу 60-90 години, на 19 век, се забележува фактот што тие често се менувале.

Од 1890 -1892 год., дипломатски претставник на Австро Унгарија во Битола бил Вице конзулот Пагачер. За време на бурните настани, пред и по Илинденското востание бил конзулот Август Крал. Тој заедно со рускиот конзул Александар Ростковски според Крсте Петков Мисирков биле најдобро информирани за настаните во Битолскиот вилает. Покрај тоа Аугусто Крал во своите извештаи до своите претпоставени давал драгоцени податоци за политичките, економските, трговските, културните, просветните, етнографските, статистичките и други прилики во Вилаетот, што претставуваат драгоцен материјал за историјата на Македонскиот народ.

Честата промена на дипломатските претставници на Австро Унгарија во Битола, продолжило и по Илинденскиот период. Така од јануари 1905 год. до декември 1908 год., се смениле повеќе конзули или Вице конзули, од кои некои биле поставувани и по втор пат. Така во тој временски период од четири години, продефилирале на чело на дипломатските претставништва дипломатите: Оскар Прохаска, Пархер, Др. Ранци, Рихард Опенхајмер, Јехличка, Посваи и Тахи.

Австро Унгарија, имала многу важни и значајни економски и политички интереси, па така преку своите дипломатски претставници во Македонија со успех ги остварувале, не дозволувајќи силно да се инкорпорира руската политика на Балканот како и онаа на соседните балкански монархии.

Зградата денес а некогаш Австриски конзулат

ул. Маршал Тито бр. 37

Објектот е изграден во втората половина на 19 век, како приватна сопственост на Битолскиот рентиер Икономов, кој објектот го издавал под наем. На тој начин Австро-Унгарија го изнајмила за свое конзулско седиште во Битола. Во 1912 год. па се до 80 години служи како станбен објект, од кого се пренаменува во трговски и угостителски познат под името “Магнолија”. (името го добива по дрвото магнолија кое се наоѓаше пред самиот влез на објектот). Со својот архитектонски изглед делува монументално, а пропорционалноста на ѕидната маса на јужната фасада е постигната со симетрично распоредените прозорски отвори, оквирени со мермерни тесаници и лачно засводените отвори во пордумите. Општата концепција на објектот го приближува до медитеранската архитектура.

Извадок од публикацијата – Конзулска Битола
Автор: Никола Миновски
НУ Завод и Музеј – Битола
2002 г.