Битолското корзо – извадок од книгата: КАЛЕИДОСКОП од проф. д-р Александар Стерјовски

Битолското корзо (итал. corso – градско шеталиште) е медитеранско влијание, прифатено кај нас откако воените сеќавања за Првата светска војна се подзаборавиле.

Битолчани, меѓутоа, знаеле да се расшетуваат и во османлискиот период и тоа го правеле покрај уреденото Крајдрагорие и заради тамошниот мир, багремовите миризби и речниот лад.

Оваа стара традиција продолжила да се негува и меѓу двете војни, макар што медитеранските променади на Широк Сокак беа се одомаќиле.

Прошетките на Корзото имале две основни специфики – секој да се објави, да излезе во јавност и тоа да го направи како дел од социо–група што маршира во круг. Пистата била долга 2–3 стотини метри, која почнувала кај бавчата
на хотел „Централ“ (денес хотел „Епинал“), а повратниот пат кај Камениот Мост. Тротоарот од десната страна, им припаѓал на брачните парови и на тие што би требало да влезат во таа категорија, коловозот на средношколците, чие вечерно движење било ограничено до 20 часот, во лето, и 19 часот, во зима, а спротивниот тротоар за калфи, чираци и за тие што за првпат ја откриваат оваа забава.

Битолското корзо

 

 

Врз ритамот на маршот влијание имал сегашниот објект на „Телекабел“, кој беше окупирал дел од десниот тротоар, правејќи теснец, оттаму и духовито негово преименување во „Дарданели“, но застои изнудувале и групи кои подзастанале во интересниот разговор.

Покрај марш, имало и стационарни групни собирања.

Се знаеле и местата и составот на групите, во кои се разговарало, се дебатирало, се спорело, се шегувало и тоа траело додека траела и општата променада.

Празнењето на Корзото се случувало, како што и почнало, брзински, слично на даден знак.

Најголемиот број шетачи веќе тргнале на пат кон своите домови, но дел избрале и една од бројните слаткарници што ги имало тука.

Овој вид забава толку се сродила со менталитетот и на младо и на старо, што изнуди и промена на името на улицава, поранешниот Широк Сокак станал Корзо и тоа име ќе опстои до денес, особено кај постарата генерација битолчани.
На Корзо не се излегувало било како, не само во вечерните часови, туку и денски. Тоа било писта на најновата мода, на нови фустани и костуми, но и на нови граѓани што решиле да живеат во Битола. Тука се претставувала и новата, адолесцетната генерација, замомевата девојка, се доживувале младешките симпатии, се изнаоѓале и животните партнери.

Дел од тој, веќе умрен амбиент, еден белградски новинар во 1926 год., вака го доживеал:

„Корзото беше необично живо. Мажи, навистина, нема многу. Тешката борба за живот го апсорбира нивното расположение и новното време. Но, заатоа е Корзото полно со насмеани момински лица. Никаде не сум видел така убави примероци на жени како во Битола. Влаинките, со големи црни очи, во кои непрестано согорува некој чуден пламен, со кадрава коса, потстрижена и сјајна како абоносово дрво. Еврејките со очи бадемести, коса залижена со масло и бели заби како каменчиња. Јужносрбијанките кршни и здрави, со погледи тажни како севдалинки, муслиманките еманципирани, без фереџе, желни за сонце, слобода и живот. Но луксуз никаде нема…“

Согледувајќи го ова значење на улицава, локалната самоуправа презела ред акции за нејзино осовременување, калдрмата ја заменила со камени коцки, тротоарите ги уредила, проработила и врз инфраструктурата. Ако кон тоа се придодадат и организираните бројни кафеани, слаткарници, фотографи, хотели што беа и` се приклучиле, ќе се сфати зошто битолчани овој дел од градот толку радо го избрале за променада.

Имитација на широксокачкото Корзо биле приградските мини–корзоа. Ги имало: Кај Горниот Парк ( Синанбели Маало), Шарена Чешма (Симјановци), Ѓенимаале (Данаил), Кај Бактериолошка станица, а најпознато и најпосетено стана Џафте Корзото. Започнувало од Мостот кај Сали, завршувало кај паркот познат како Кај Врбите на истото, Прилепско џаде. Шетачи биле пограѓанети доселеници од селата, млади Роми, калфи, аргати и др., каде широкосо-
качкиот монденски критериум не важел, тука се доаѓало и на налани.

Последното корзо било Еврејското корзо. Траело само неколку месеци, од гетоазацијата на Евреите и забраната до го преминуваат Драгорот навечер, до 11 март 1943 год., до еврејската депортација. Било од левата страна на реката Драгор, започнувало кај Дивизијата, завршувало кај Црн Мост.


Извадок од книгата: КАЛЕИДОСКОП, автор проф. д-р Александар Стерјовски
Издавач: Конзулат на Република Србија во Република Македонија
За издавачот: м-р Силјан Мицевски, почесен конзул на Р. Србија во Р. Македонија
Технички уредник: Пеце Илиевски
Лектор–коректор: Стево Гаџовски
Печати: ДООЕЛ „98К“, Прилеп
Тираж: 300 примероци