Кога ќе минам низ тоа Јени-Маале,
очите ми се заливаат;
Јенималките — сите по портите,
а моето либе го нема.
Кога ќе минам низ тоа Чифте Фурни,
очите ми се заливаат;
Чифтефурнаџики — сите љубовџики,
а моето либе го нема.
Кога ќе минам низ таа Бела Чешма,
Очите ми се заливаат;
Белочешмеџики — анки пребулени,
а моето либе го нема.
Кога ќе минам низ тој висок Баир,
очите ми се заливаат;
Баирчанките — кози по ридојте,
а моето либе го нема.
Кога ќе минам низ тоа Арнаут-Маале,
очите ми се заливаат;
Арнаутмалките — сите по бавчите,
а моето либе го нема.
Кога ќе минам низ тој Широк Сокак,
очите ми се заливаат;
Широкосокаџики сите замислени,
и моето либе е тука.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год