Се појавил млад спасител в Македонија,
се појавил млад спасител Ставре Војвода.
Ура, ура, Ставре војвода! Се појавил,
се појавил од гората, се појавил,
се појавил село Вевчани.
Ура, ура, Ставре војвода! Што ми влезе,
што ми влезе во Вевчани,
во Вевчани, во Вевчани, кај Шекуткои.
Ура, ура, Ставре војвода!
Клети шпиун го предаде дур во Велешта,
во Велешта, во Велешта, кај муљазимот.
Ура, ура, Ставре војвода!
Муљазимот прати книга во Охрида,
во Охрида, кај кајмакамот.
Ура, ура, Ставре војвода!
Кајмакамот прати книга дур во Битола,
во Битола, во Битола, кај валијата.
Ура, ура, Ставре војвода!
Валијата што ми пушти силна војска,
силна војска клети Турци илјада души.
Ура, ура, Ставре војвода!
Го сардисае, го сардисае село Вевчани,
го сардисае, го сардисае од сите страни.
Ура, ура, Ставре војвода!
Кога виде војводата от’ је сардисан,
ми извика јунак Ставре од мазгалката:
Ура УРа Ставре војвода!
— Опули се, Ејпо Абдов од Октиси,
голем бакшиш, Ејпо Абдов, ќе те дарувам!
Ура, ура, Ставре војвода!
Се измами Ејпо Абдов
и се опули и во часот мртов падна на улицата.
Ура, ура, Ставре војвода!
Ми исфрли пет-шест бомби на сите страни,
најоѕади војводата сам се загуби,
на ниеден жив во раце не се предаде.
Ура, ура Ставре војвода!
Ура, ура Ставре капидан!
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год