СМРТТА НА ХРИСТО УЗУНОВ – Народни песни во кои се спомнува Битола

Бог да ги бие церани,
церани многу кодоши,
ја пречекале четата,
рано им ручек дадоа,,
тешка им војска кладоа.
Седнал ми Ванчо да руча,
лоша го дремка надоли,
тогај Узунов му вели:
— Де гиди, Ванчо војвода,
не е на.арно дремката!
Излези надвор во дворје,
дремката да ти помине!
Излезе надвор во дворје
дремката да му помине;,
Ha очи кладе дуљбија,
секаде Ванчо разгледа;
Кога ќе види, што ќе види!
Сето село сардисано!
Тешки топови карале,
церани се затвориле.
Извикна Ванчо, провикна:
— Дружино верна, зговорна,
кревајте пушки на рамо,
на јуриш да побегнеме,
јуначки да куртулиме!
— Ми летнал Ванчо да бега,
по таа краста угорна.
Го догледале тирани,
тиранска пушка пукнала,
Ванча го в нога удрила.
Дробни си солзи пророна,
црно си писмо пишеше
и на церани велеше:
— Церани, вие кодоши,
клети, проклети бидете,
писмово ако отворете
да г’ однесете Битола,
Битола дури в началство;
Началници писмо д’ отворат:
До кај што е вера крстена,
Велигден да не го играт!
Узунов и Ванчо загинале
во тоа село Церово.
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год