Сторил ниет Кузман да си бега,
да си бега, џанам, од Битола,
да ми одит, џанам, Америка,
Америка, земја печалбарска.
Кинисува Кузман, чедо гледа,
чедо гледа, џанам, солзи рони,
солзи рони, џанам, жена моли:
— Еј Елено мори, млада невесто,
да ми чуваш, мори, машко дете,
машко дете, џанам, единаче,
единаче, Лено, годиначе!
Се збогува Кузман, си замина.
Годиње ми, џанам, изминаа
од Кузмана, џанам, абер нема.
На голем ден, џанам, на Великден
другари му писмо испратија,
жално писмо, џанам, до Кузманица,
жални думи, џанам, в писмо пишат:
— Ој невесто, џанам, Кузманице,
умре Кузман, бог да го прости.
Пред да умре риџа ти чина:
Да му чуваш, мори, машко дете,
машко дете, мори единаче.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год