Цркви и манастири на Пелистер – планинарска патека

Hiking trail - Churches and monasteries on National Park Pelister

Националниот парк Пелистер пристапи кон обележување и уредување на пешачка патека која на сите вљубеници во природата и почитувачи на културното наследство им овозможува обиколка на црквите и манастирите во потпелистерските села.

Првиот дел од патеката започнува од селото Трново и води преку селата Магарево и Ротино до селото Цапри, додека нејзиниот втор дел минува крај црквите и манастирите во селото Маловиште.

Оние кои ќе се решат за оваа возбудлива прошетка, на својот пат најпрво ќе ја посетат црквата „Успение на Пресвета Богородица” во атарот на селото Трново.

Sv. Bogorodica - Trnovo

Овој храм, изграден во 1854 година, се наоѓа на самиот влез од селото. За време на Првата Светска војна црквата била целосно уништена, при што на многу вредни реликвии им се губи секаков траг. За вредниот иконостас се знае дека бил демонтиран од страна на бугарските војници кои сакале да го пренесат во својата земја. Сепак, поради тешките воени услови, тие не успеале целосно во својата намера, па иконостасот подоцна бил најден и пренесен во црквата „Пресвета Богородица” во Битола.

Во 30-те години на дваесеттиот век црквата во Трново е обновена од страна на месното население и таа повторно станува центар на духовниот живот на селото. Во последните години, во летните месеци, дворот на црквата е место каде што се среќаваат иселениците од европските и прекуокеанските земји, како и Македонците протерани од Грција.

Од селото Трново, пешачката патека понатаму води во селото Магарево, каде што во 1834 година е подигната црквата „Свети Великомаченик Димитриј”. Оваа црква во Првата светска војна ја доживеала истата судбината како и црквата во Трново – била целосно уништена, а од инвентарот не останало ништо. Како и од црквата „Успение на Пресвета Богородица”, иконостасот и од оваа црква бил цел на бугарските војници, за подоцна да биде вратен и заедно со оној од трновската црква да биде поставен во црквата „Пресвета Богородица” во Битола. По завршувањето на војната, црквата посветена на Великомаченикот Димитриј е обновена и е редовно посетувана од верниците.

Во близина на црквата се наоѓа и некогашниот женски манастир „Свети Ѓорѓи”, подигнат во 1871 година. За жал, во воените дејства, конаците биле разурнати и само црквата која останала денес сведочи за неговото постоење.

На патот до Цапари, посетителите минуваат низ Ротино, каде што се лоцирани црквата „Свети Никола” и манастирот „Свети Илија”. Црквата е изградена во 1870 година. Последиците од Првата Светска војна биле санирани по завршувањето на војната, кога црквата била и преосветена. Секоја година на 19 декември, кога е храмовиот празник, оваа црква го слави својот заштитник.

До манастирот „Свети Илија” се стигнува преку живописното патче кое од последната куќа во селото, низ густата дабова шума води во пазувите на Пелистер. Еден километар оддалечен од селото, на надморска височина од 1070 метри, тука се издигнува манастирот „Свети Илија”.

Првиот дел од планинарската патека завршува во селото Цапари, каде што се наоѓаат манастирот „Света Петка” и црквата „Свети Горѓи”. Манастирот е подигнат во 16 век, a денешната манастирска црква во 19 век. Долго време овој манастир бил потчинет на Охридската митрополија, додека административно припаѓал на Битолскиот округ. Се до 1724 година манастирот бил прилично запуштен, кога, како што е запишано, бил обновен од страна на поп Дионисиј. Кон крајот на минатиот век, манастирот бил зафатен од пожар во кој изгореле иконостасот, иконите и поголемиот дел од инвентарот. Со помош на верниците, оштетените делови наскоро се обновени. Во средината на манастирот се наоѓа црквата која од источната, јужната и западната страна е опколена со манастирските одаи, чии чардаци се поврзани во една целина. Овој манастир, верниците масовно го посетуваат на 8 август, кога е храмовиот празник.

St. Petka, Capari - Macedonia

Манастир Св. Петка, с. Цапари

Духовното наследство во Цапари е надополнето со црквата „Свети Горѓи”, чии темели се подигнати од страна на месното население на 11 мај 1888 година. Живописот во црквата датира од 1890 година и е дело на Јосиф Радевиќ од село Лазарополе, Дебарско.

St. George, Capari, Bitola Municipality, Macedonia

Црква Св. Ѓорѓи с. Цапари

Вториот дел од патеката го води посетителот во село Маловиште и неговата околина. Ова село, како ретко кое, може да се пофали со извонредното културно и духовно наследство кое останало сочувано да сведочи за животот и обичаите во овој дел од Македонија низ изминатите векови.
На 1410 метри надморска височина, 2,5 километри југозападно од селото Маловиште, во високата букова шума се издига манастирот „Света Ана”. Постојат извори кои сведочат за неговото постоење уште во средината на 18 век. Денешната црква, пак, е изградена во 1936 година, додека конаците, во повеќе наврати, биле градени во дваесеттиот век.

Ова православно здание, посветено на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија, секоја година за време на манастирската слава ги пречекува верниците кои доаѓаат од сите делови на битолскиот и преспанскиот регион. Во манастирскиот комплекс посетителите можат да се освежат на големата чешма од која блика чиста и свежа планинска вода.

Следната знаменитост до која води патеката е катедралниот храм посветен на заштитничката на мртвите „Света Петка”. Изграден е во 1856 година врз темелите на друга црква, за која се смета дека датира од 16-17 век. Црквата, пример за вештината на старите мајстори, плени со својата архитектура. Во внатрешноста, на површина од 100 м2, доминира иконостасот од 1992 година, работен во длабока резба дело на мајсторот Димитриј. Иконите и фреските, дела на познати зоографи, ја надополнуваат мистичноста која ќе ве освои со првиот чекор во црквата.
Вистинско културно и духовно богатство претставува постојаната галерија на икони, со стотина примероци приложени во хронолошки распон од приближно 400 години.

Високо на Баба Планина, под врвот наречен Пирамида, на 2000 метри надморска височина, се наоѓа црквата посветена на Христовото Воскресение „Свети Спас”. Верниците ја изградиле оваа црква врз самите карпи на планината. Од планинскиот врв, на кој е поставена малата камбанарија, како на дланка се простира погледот врз Преспанското езеро. Црковниот празник е подвижен и се слави секогаш во четврток, 40 дена по Велигден.

Во селото Маловиште уште можете да ги посетите и црквичката „Свети Ѓорѓи”, на северната страна од приодот кон селото, и параклисот „Свети Атанасиј Велики”, јужно од последната куќа во селото.