Крајот на Првата светска војна не значел и крај на страдањата на населението во Македонија. Иако воените дејствија завршиле, опустошената земја и имоти, сиромаштијата и заразните болести останале уште долго време. Недостигот на медицински персонал и лекарства бил особено видлив поради присуството на заразните болести како тифус, инфлуенца, мали сипаници, маларија, колера итн, а чести биле случаите на венерични болести и проблеми со незараснати рани. Една од ретките мисии кои во тој период му помагале на населението, била мисијата на AWH (American Woman’s Hospital) во соработка со Американскиот Црвен крст (АЦК).
Со влегувањето на Америка во Првата светска војна на страната на Антантата на 6 април 1917, голем број на жени доктори ја понудиле својата помош на војската. Во тоа време во Америка помалку од 6% од вкупниот број на доктори биле жени. Иако многу од нив биле успешни и докажани во својата професија, тие биле прифаќани во војската само како медицински сестри и помошен персонал. Во 1917 година специјална комисија од Американскиот Црвен крст била во посета на Солун, каде биле импресионирани од успешната приказна на Болниците на Шкотските жени. Така, во соработка со AWH било решено слична мисија да биде испратена на Балканот.
Двете братучетки Др. Реџина Флод Кејз (Dr. Regina Flood Keyes) од Бафало и Др. Френсис Мејбл Флод (Dr. Frances Mabel Flood) од Елмира, Њујорк, ја прифатиле поканата и набрзо биле испратени во градот Воден, Грција, во близина на Македонскиот фронт, каде отвориле болница.
Докторката Реџина била познат хирург и претходно работела како гинеколог во главната болница во Бафало, САД. Таа била назначена за директор на болницата во Воден, која била сместена во стара напуштена зграда. Иако имале парични средства за средување на запуштениот објект, тешко им оделе набавките со оглед на лошата ситуација на Балканот и опасноста од Австро-Унгарските напади кон бродовите за снабдување кои пловеле по Медитеранот. Сепак биле добро опремени со медицински инструменти, па со помош на локални мајстори, болницата набрзо била реновирана и ставена во функција со околу педесетина болнички кревети.
Градот Воден во тоа време бил преполн со бегалци кои спиеле по улиците и иако избегале од воените дејствија, не можеле да побегнат од заразните болести. Недалеку од линијата на фронтот, докторките од Америка започнале друга војна, против непријател кој неедуцираното локалното население не го разбирало. Тоа била борба против заразните болести и начините на нивно пренесување. Болницата била темелно реновирана, исчистена и на прозорците била поставена распната хирушка газа, како заштита против комарци и други инсекти.
Биле отворени и диспанзери во кои докторките со уште две медицински сестри од Америка и кадар од локалното население работеле од утро до мрак и до почетокот на 1918 година биле прегледувани по околу 3000 пациенти месечно. Жени доктори било нешто ново особено на Балканот, но со својатата пожртвувана работа тие набрзо ги придобиле симпатиите на локалното население и многу помогнале при епидемијата на инфлуенца која настапила во есента 1918 година.
На покана на Француската армија за време на пробојот на Македонскиот фронт во септември 1918 година, Др. Реџина привремено работела во мобилна амбуланта во близина на фронтот, во близина на Добро Поле. Хирушките интервенции ги извршувала непрекинато неколку денови во шатор покрај кој чекале ранети војници и во чија што близина паднале и неколку гранати. За својата работа подоцна била одликувана од Француската влада.
По пробојот на фронтот, болницата од Воден била преместена во Битола (Монастир), град кој во период од две години постојано бил бомбардиран и во голема мера разрушен.
Кога докторките пристигнале во Битола, местото било отворена гробница. Глутници на волци и кучиња се движеле по планините, копале и ги глодале остатоците од плитките гробови. На многу места можеле да се сретнат расфрлани човечки остатоци, а во селата живееле луѓе скелети, завиткани во партали, кои копајќи низ земјата барале корени да се прехранат. Битола била преполна со деца сираци за кои никој не знаел од каде доаѓаат, нити пак како успеале да ја преживеат војната. Многу од нив голи се појавувале во редовите за храна од Црвениот крст, а други пак биле наоѓани стуткани во урнатините, како полека умираат од инфлуенца, тифус или глад. Војниците и заробениците кои се враќале во своите домови, претставувале проблем плус со своите запуштени и неправилно третирани рани, а кај женската популација евидентен бил проблемот со венерични болести.
„Ја победивме војната и сега треба да го победиме мирот“ било мотото на Американската мисија и веднаш се зафатиле со работа.
Еден од објектите кои за среќа останал неразрушен била Саат Кулата и еден голем објект веднаш до неа, кој според архивата на АЦК бил старо Турско училиште. По средувањето на ентериерот на објектот, болницата започнала со работа и за брзо време се здобила со репутација како една од најдобрите болници на Балканот.
Како и во болницата во Воден, посебно внимание било посветено на хигиенските услови во објектот и на пациентите кои се лекувале. Болницата била позната и како „Тhe Flyless Hospital of the Balkans“, односно „болница без муви“.
Биле отворени и амбуланта, бања и посебна секција за дезинфекција. Набрзо докторките имале полни раце работа и биле прегледувани преку двеста луѓе дневно.
Од Америка пристигнала и помош во храна, лекови и облека за населението и биле поделени картички за храна со цел на правилна распределба на истата. Се појавиле и случаи каде починатите биле криени или пак погребувани во домовите, како нивната фамилија не би останала пократка за еден оброк од Црвениот крст.
Др. Реџина Кејз работела како хирург и директор на болницата, а додека пак Др. Франсис била задолжена за нехирушките случаи, како што биле лицата заразени од тифус и инфлуенца. Двете братучетки помеѓу локалното население станале познати како „Ангелите од Битола“.
Набргу од Америка пристигнале и други доктори, мисии со разна помош и покрај болницата во Битола се отвориле болници и во други градови од тогашна Србија. Пристигнала помош во медицинска и земјоделска опрема, храна, лекови и облека за осиромашеното население.
Двете докторки ја напуштаат Битола во 1920 година.
Др. Франсис Мејбел Флод се вратила во САД во 1920 година и се омажила за Алфред Хеат (Alfred Heath) од Ливерпул Англија кој го сретнала на бродот при нејзиното враќање во САД. Живееле во Елмира каде Мајбел повторно ја отворила својата приватна пракса и во 1922 година се родила нивната ќерка Мајџори Луиз (Marjorie Louise). Починала на 26 април 1923 година од компликации по извршена операција на слепо црево. На 3ти мај 1927 година постхумно е одликувана со орденот Св. Сава од страна на Кралот Александар од Србија, а наградата ја примила нејзината ќерка, која две години подоцна починала од пневмониа.
Докторката Реџина Флод Кејз се омажила за Квинзи Робертс (Quincy F. Roberts) кој во 1919-1920 бил заменик американски конзул во Солун. Го придружувала на многу други дипломатски мисии низ светот, а за време на нивниот престој на островите Фиџи, Реџина повторно се истакнува со својата хуманитарна работа, помагајќи на локалното население. Пред почетокот на Втората светска војна, биле интернирани од страна на Јапонија. Реџина починала при размена на дипломати помеѓу Јапонија и Америка на 23 Јули, 1942. Погребана е на море.
Првата светска војна на некој начин е кулминација на лошата состојба која го зафатило населението на Балканот на почетокот на 20 век. Покрај воените дејствија, радвиженоста на воените сили помогнале кон полесно ширење на заразните болести кои зеле далеку поголем данок од бомбите и куршумите. Дел од катастрофите биле ублажени благодарејќи на поединци, кои за жал денес во голема мера се заборавени, независно дали биле од локалното население или пак дојдени преку некоја странска мисија. Денес ретко се среќаваат споменици подигати во нивна чест, а не може да се најдат нити во учебниците, во кои пак се величаат владетелите и генералите. Овој краток труд е мал напор во насока на исправување на таа неправда, со надеж дека делото на „Ангелите од Битола“ нема да остане заборавено.
Користена литература
- Јосимовска Верица, Доброволна медицинска Мисија “AMERICAN WOMEN’S HOSPITALS” во Македонија и Косово за и непосредно после Првата светска војна
- “Out of the East Christ Came” By Rose Wilder Lane, November 1919
- THE AMERICAN FOREIGN SERVICE JOURNAL, Vol. VI. SEPTEMBER. 1929 No. 9
- REPORT OF The American Women’s Hospitals ORGANIZED BY The War Service Committee OF THE Medical Women’s National Association JUNE 6th to OCTOBER 6th 1917
- Ilija Petrović, Foreign medical help in Serbian Liberation Wars from 1912 until 1918
- Ellen S. More, University of Massachusetts Medical School, ‘A Certain Restless Ambition’: Women Physicians and World War I
- Мирјана ЗОРИЋ, СРПСКИ ВОЈНИ САНИТЕТ У ПРВОМ СВЕТСКОМ РАТУ, Хероји Великог Рата
- Excerpts from History of the U.S. Consulate in Saigon by James Nach