Безистенот е најзначаен монументален профан објект во старата битолска чаршија. Изграден во XV век од страна на познатиот ктитор Кара Даут паша Узунчаршили, тој претставувал покриен пазар за скапоцени производи, со три улици и 86 дуќани. Безистенот воедно претставувал и своевиден трезор каде во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот Румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна. При изградбата се имала во предвид неговата архитектура, внатрешниот распоред и употребениот цврст материјал да пружат доволно гаранција од честите пљачки и грабежи, кои во тоа време биле секојдневна појава по периферните делови на турската држава.
Сепак и покрај тоа, Безистенот бил неколку пати ограбуван.
До крајот на Втората светска војна, безистенот служи како покриена чаршија, во која се продавала галантериска стока и ткаенини. По Втората светска војна, јужната фасада е урната, а на нејзино место се подигнати нови дуќани, со што грубо е оштетена некогашната складна архитектонска целина.
Денес во Безистенот егзистираат повеќе современо опремени дуќани во кои се продаваат најразлични стоки.