Битолчанецот – најголем дембел во царштината – анегдоти од Битола

Дембел Чаршија Битола
Дембел Чаршија Битола - фотографирано помеѓу 1911-1914

Некој цар сакал да дознај кој е најголем дембел во царштината па наредил да ги пронајдат и да ги донесат во престолнината. Се пуштиле гавази, прибираат и носат еден по еден. Сите ги сместиле заедно, во убав и уреден сарај. Наскоро таму станало тиљтак, толку ги имало. Ги негуваат и ги гоштеваат царски. Му носат јадење царско, пиење какво шо сакаат, дури и ги преврќаат од едната на другата страна на телото за да не се мачат самите. Арно ама, за она шо биле донесени, никако да се открие.

Се сетил некој министер како тоа да се напрај.

– Да се запали сарајо – му вели тој на царо, тогаш ќе се види кој е најголемио дембел!

Речено – сторено.

Послале слама и сено наоколу сарајо, ги потпалиле и вивнал чад и пламен до небеса. Дембелите – дембели, арно ама живото мил, па кога видоа дека ќе се гини, еден по еден почнаја да излегуваат.

Останале само двајца – оној од Битола и оној од Стамбол.

Лежат, не мрдаат.

Пламенот веќе до нозете дошол.

Најпосле ќе праша стамболецот кога малку му дожежа:

– Абе, ќе бегаме?

– Како не те мрзи да зборваш! – му одговара битолчанецо.

Така се виде кој бил најголемиот дембел во царштината. Бил битолчанецо. Добил и некаква награда”.

Текстот е извадок од книгата „Реката Драгор“, автор Александар Стеровски, издавач: НУУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ – Анегдоти поврзани со Реката Драгор, Битола 2009 година