(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
За спортист на годината на Битола за 1968 година беше избран младиот кошаркар Дане Бачевски, откако стана член на југословенската младинска кошаркашка репрезентација и настапи во дуелот со Бугарија.
Во многу посвечена атмосфера, што не беше случај во изминатите години, Битола ги избра најдобрите спортисти за 1968 година, повторно со помош на читателите на Битолски весник.
Дека манифестацијата добива во тежина потврди присуството на претседателот на Општинското собрание, Мито Пејовски, и поздравните говори на првиот човек на Битолски весник, Тоде Ѓоревски и претседателот на СОФК-а, Васил Гулевски. До комисијата што ја сочинуваа: Миле Фидановски, Мице Миленковски, Симе Марковски, Владо Ласковски и Спиро Мачески, пристигнаа бројни гласачки купони.

За спортист на годината на Битола за 1968 година беше прогласен младиот кошаркар Дане Бачевски. Според мислењето на сите, сосема заслужено, зашто Бачевски со своите виртуозни игри го привлече вниманието врз себе и стана младински кошаркашки репрезентативец на Југославија (што во тоа време, навистина, беше неверојатно големо признание и успех) и настапи во синиот дрес во дуелот со Бугарија.
Ранг-листа на најдобрите за 1968 г.
1.Дане Бачевски – кошарка
2.Љупчо Спировски – скијање
З.Лазар Бојаџиев – падобранство
4.Михајло Петровски – гимнастика
5.Коста Попниколов – фудбал
6.Петар Стојчев – ракомет
7.Слободанка Талева – стрелаштво
8.Милка Гемтова – скијање
9.Благој Багевски-ракомет
10.Aлександар Марковски – гимнастика
Дане Бачевски беше извонреден кошаркар нo и мошне добар ракометар. На сликата како ракометар на „Пелистер “, 1973-74 г.

