Извадок од дневникот на сестрата Ремон за време на нејзиниот едногодишен престој во Битола 1916 година

Bitola during ww1
Фото: Широк Сокак за време на Првата светска војна

Вовед

Уште од 19 век во Битола имало доста Французи, кои биле вработени во турските државни служби како лекари и офицери. Подоцна дошле конзули, чиновници и трговци, со што бројот дополнително се зголемил, бил доведен и католички свештеник, а подоцна се отворила католичка капела.

Мисијата на женскиот калуѓерски ред Св. Венсан, пристигнала во Битола во 1900 г. Под раководство на сестра Виолè, било отворено училиште за девојчиња и диспанзер каде се давала лекарска помош на населението од градот и околината. Народот бил успешно и бесплатно лекуван поради што сестрите стекнале голем авторитет.

Диспанзерот работел непрекинато давајќи сесрдна помош и во 1908 г. бил зголемен до 8 сестри, каде покрај превентива, приспособиле и сала за хируршки зафати, но без инструменти и апарати за стерилизација.

За својата работа мисионерките постојано ги известувале своите надлежни во Париз, а покасно дел од тие извештаи и биле јавно објавени, што фрла светло врз многу важни историски настани кои се случиле во Битола.

Во прилог е пренесен извадок од дневникот на сестрата Ремон за време на нејзиниот престој во Битола, 1915-1916 година за време на Првата светска војна, кога српската била заменета со бугарска власт и бил формиран Македонскиот фронт.


Дневник на сестрата Ремон за време на нејзиниот едногодишен престој во бугарско-германската средина.

Извадок од: „Писма (документи) на француски католички мисионери во битола за настаните во градот од 1908 до 1939 год“ – Ѓорѓи Димоски, Гласник на ИНИ, Скопје 1967

По неколку узбуни на 27 ноември 1915 год. српската војска почна да се повлекува од Битола; беше многу студено, 18 степени под нулата, снег во изобилство; поголемиот дел од нашите ранети сакаа да не напуштат, бидејќи се плашеа од одмаздата на Бугарите.

Во ноќта меѓу 1 и 2 декември требаше да замине и српската власт. Неколку пожари, проследени со грабеж, избувнаа на неколку страни. Француските, руските и англиските конзули го беа напуштиле градот; браќата Маристи исто така; од французите во Битола остана само господинот Бержеро, свештеник на мисијата, еден помошник на бискупот и милосрдните сестри.

2 декември 1915

Уште в зори еден од нашите соседи, инаку влијателен Бугарин, дојде во посета, кај нас, бидејќи се плашеше од кражба во мојата куќа. Се уште беше во нашата аптека, кога утредента угледните луѓе од градот го побараа, бидејќи го избрале за поретседател на општината на градот.

6 декември

Бугарите и Германците навлегоа во градот. Природно, населението им приреди пречек, но немаше безредие.

На седми го замолив претседателот на градската општина, да ми каже дали наставата може да продолжи. Откога се консултира со власта, тој ми одговори дека за тоа нема тешкотии, зашто децата веќе беа во голем број по улиците (ќе останеа наполно запуштени б.м.)

На осми, мајорот Ковачев со господин Бержеро дојде да побара податоци за личностите во мисијата. Беше многу пристоен и сакаше да ја посети капелата. По посетата, воодушевен од нејзиниот кринов украс, напуштајќи не ни рече:

„Добро е, сестри мои, вие останавте на вашето работно место како храбри француски војници.”

Еден час подоцна се врати со месниот командант полковникот Стојков, кој ја разгледа целата наша куќа и разговараше со сите собрани сестри:

„Бидите уверени, рече тој, дека не треба да се плашите од Бугарите, војничката власт ќе ве брани секогаш и тнт.”

Беше тешко да се добие храна за нашите ранети Срби.

Кон десетти декември, генаралот Матов дојде да ги види нашите бедни Срби кои трепереа, но генералот им зборуваше се добро, давајќи им податоци за нивните села и ветувајќи дека ќе им испрати се што е потребно.

Навистина, продолжувајќи ја посетата во мисијата, генерал Матов ни го кажа начинот за добивање на храна. Исто така ни ја изрази неговата желба, имено, да ги довери болните и ранетите бугарски офицери на нега на сестрите. Гледајќи ја во диспанзерот големата маса бедни, негувани од нашите сестри, тој беше трогнат: „Сестри, ни рече тој, ве уверувам дека сте си приготвиле убаво место на небото”! Овие впечатоци беа навистина многу убави, но наскоро дојде ред и на тешкотиите.

22 декември

На 22 декември дојдоа двајца подофицери обвинувајќи не дека сме покровители на српската власт и дека сме имале скриено многу намирници, па дури отидоа да ги прашаат и ранетите за тоа. За среќа, нашето чудење ги спречи нивните намери и, по претресот, ни оставија неколку вреќи брашно кои ни беа толку потребни.

На 27 декември директорот и хируршкиот шеф на воената болница докторот Николаев, дојде да ги посети нашите ранети и не извести дека ќе испрати уште триесетина болни, за да се комплетира нашата подвижна воена болница.

„Но немаме ни материјал, ни болничка облека ни болничари”

— „Решено е во вашата куќа да имате педесет ранети; ќе ви испратам Срби; тоа се ваши сојузници и можете да направите нешто добро за нив. Впрочем, за тоа нема да имам проблеми; живеев во Франција и знам дека Французите можат да се извлечат од маката и во најтешките состојби”!

Дознавме дека нашите услуги и куќа се реквирирани и дека ние треба да се зафатиме со работа, откога ќе ги сместиме паралелките во слободни простории и да подготвиме една огромна соба за пријавените болни. 24 часа подоцна најважните работи беа привршени. Но каков настан! Кутрите Срби, со замрзнати и заразени стапала, пакриени со красти, беа во состојба што заплашува. Хирургот на диспанзерот сака да ни помогне; тој секој ден оперира по неколку ранети а сестрите ги вршат сите проврзувања дури и операции од помала важност.

Истовремено една од сестрите има јака треска. Лекарот констатира тумор на десната страна и препорачува да се пренесе во Солун, но тоа не го дозволува бугарската власт. Преземена е итна операција во нашата куќа. Таа наполно успева, но се потребни месеци додека да се закрепи нашата кутра болна.

3 Јануари 1916

Генерал Бојаџиев дојде во Битола; му направија голема чест.

На 6 јануари тој дојде в болница, беше многу учтив, сакаше да знае дали од бугарската власт сме имале некоја непријатност, некаква тешкотија.

Во текот на целиот месец јануари снабдувањето на ранетите со храна беше тешко. Доктор Николиев, кој требаше да ни го испрати најнеопходното, често не остава во тешка и непријатна ситуација; леб има малку, зеленчук речиси никогаш, ни дрва, ни петролеј, ни сапун, во доволни количини имаше само месо; ги делиме последните намирници со нашите болни.

Кон средината на месецот хирургот на диспанзорот не извести дека на еден лекарски состанок бугарските лекари разговарале за затварањето на нашиот диспанзер, а можеби и на нашата мисија. Истовремено, тој не увери дека сме земени во одбрана и мисли дека опасноста од тоа ќе биде одложена за неколку дена.

23 јануари, во 9 часот и 15 минути, 12 француски авиони летаат над Битола и го бомбардираат градот; пет бомби паднаа многу блиску до нашите ѕидови, експлодирајќи во нашата мала улица. Двете куќи што се наоѓаат наспроти нашата се пробиени, сите наши стакла се искршени, а парчиња од бомби се пробиваат во капелата. Се зборува за 150 загинати или ранети. Две жени тешко ранети се донесени од германски офицери, придружени од германскиот хирург, доктор Келар, кој ја разгледува нашата операциона сала и ја оперира тешко повредената.

На 24-ти дознавме дека сите странски лица треба да се запишат кај началството на полицијата. Синоќешното бомбардирање придонесе да бидеме гледани со недоверба.

На 25-ти католичкиот воен исповедник на 46-та германска пешадиска единица, игуманот Шарленски, дојде да не извести дака католичката мисија војнички е заземена и дека господин Боржеро, како и католичкиот свештеник од словенскиот верски обред и бискупскиот помошник ги следат, дадека судски печати се ставени на сите соби. Заминувањето за Софија е определено за утредента.
Му ја пронесовме жалната вест на грчкиот и романскиот конзул. Последниов се плаши истата мерка да не важи и за сестрите и не советува да го посетиме месниот камандант, полковникот Асманов. Отидовме брзо; полколвникот Асманов во многу пристојни граници ни го изрази своето жалење дека е принуден да ги изврши наредбите дојдени од Софија.

„Сите сестри се опфатени со оваа одлука, но ништо не е итно — додава полковникот — и во секој случај ви ветувам дека ќе си одите со автомобили”

Мислата за нашите десет сирачиња, што не знаеме на кого да му ги довериме, и за нашата толку тешко болна сестра, по се изгледа дака го трогна полколвникот

„Можеби, рече тој, две сестри би можеле да останат за да ги чуваат сирачињата и да ја негуваат болната сестра, но 6и трабало да најдат друга куќа.”

Овој предлог бараше размислување; полковникот ни даде писмена дозвола за последна посета на господин Бержоро. Отидовме веднаш. Стражарите прво го одбиваа влегувањето, но налогот од полковникот Асманов ги отвори вратите. Господин Бержаро смета дека би било машне опасно да се остават две или три сестри во рацете на Бугарите. Тој зеде под наем две коли за патување до Велес, а тројцата протерани требаше да ја напуштат Битола пред 8 часот. Утредента клучевите од црквата остануваат во рацете на германскиот воен свештеник. Потребно е да се размисли за сместувањето на децата кај попознати семејства. Грчкиот конзул ги прима на себе Грците, за другите е тешко, животот е толку скап, што секој мисли на себе. На крајот се е уредено пред 8 часот вечерта.

По враќањето, започнаа подготовките за заминување. Утре, без сомневање, ќе треба да се издржи еден добар претрес, а потоа да се стават судските печати. Сите документи брзо се запалени, ноќта минува во подготовување на детските пакети.

На 26 наутро во 5,30 часот дојде германскиот свештеник да ни ја одржи светата божја служба и да ни донесе новости од господин Бержеро. Последниов го напушта градот пред 8 часот. Децата од паралелките пристигнуваат масовно, ги собираат нивните книги и се збогуваат. Во 10 часот шефот на полицијата Маринов дојде да ни го прочита официјалното мислење за нашето заминување за Софија. Сите сестри треба да го напуштат прадот во рок од 48 часа. Куќата е чувана од внатре и од надвор. Тоа се бескрајни тешкотии. Нашите деца сакаат да си одат, но чуварите не дозволуваат никој да излезе од куќата.

27 јануари, 1916

Треба да се размислува за евакуација на нашите кутри ранети Срби, кои треба да бидат пренесени во воената болница. Ги преврзуваме брзо, ги облекуваме колку што можеме подобро, многу е студено, поголемиот дел од нив се многу оштетени и многу слаби, но таму треба да се војува се уште против нашите чувари кои не дозволуваат да пренесеме ни еден предмет или облека од едно одделение во друго, со што увидуваме дека сме навистина затворенички.

Колите пристигнуваат, нашите ранети, плачејќи, ни велат догледање. Во моментот на оваа возбуда се претставуваат три бугарски лекари, кои дојдоа да ја посетат нашата куќа за да видат што ќе прават со неа по нашето заминување. Застанаа во собата на еден бугарски офицер, кого го негуваме повеќе недели и, плашејќи се пренесувањето да не предизвика нов напад, лекарите молат две сестри да го негуваат уште неколку дена. Јас им (реков дека е невозможно да се остават две сестри сами во Битола, на што лекарот, по чин полковник, се налути, ги навреди сестрите и заврши со зборовите:

„Треба да знаете дека сте сите наши заробенички, дека над вас ќе употребиме заповодничка власт, дека тоа не е за Париз, туку за Софија и како заробенички од војната утре ќе заминете, а ако нас ни одговара ќе ве испратиме една по една во различни правци”

Само бог знае до каде би оделе зборовите и гестикулациите на овој полковник, ако лекарот Николиев не му речеше да престане. Повеќе од секогаш ние сфативме дека е неопходно да не се делиме.

Евакуацијата на ранетите е завршена. Повторно се најдовме во едно неописливо безредие. На брзина ги завршуваме нашите лични подготовки. Не известија дека треба да се снабдиме со храна за 8 дена и да земеме многу покривки.

„И покрај се, додава внимателниот Бугарин, многу ризикувате да ви замрзнат нозете, зашто во ова време патувањето е страшно.”

Каква перспектива! Имаме постари сестри и една болна, но таа повеќе сака да умре отколку да остане.
Попладне две сестри се распрашаа кај полковникот Асманов дали навистина заминувањето ќе стане утре; тој ни одговори дека, според неговите ветувања, ќе заминеме со автомобили откога ќе дојде бензинот во рок од еден до два дена.
Во 5,30, дојде еден полиски агент да не извести дека Битола треба да ја напуштиме идното утро пред 9 часот.

„Но полковникот Асманов пред два часа не убедуваше дека нема бензин и дека ќе заминеме со автомобили. „

Услужниот полицаец го извести својот претпоставен за нашиот одговор и по извесно време се врати известувајќи не:

„Градскиот управител им порачува на сестрите дека наредбата е апсолутна. Ако до утре не се снабдите со коли, ќе си одите пешки.”

— Ами ветувањата на месниот командант?

— „Градскиот управител рече дека тоа се лаги од ваша страна и дека сигурно полковникот Асманов не го имате ни видено.”

Треба да се извести, за секој случај, нашиот курир кој ќе оди во потрага за коли, додека ние да отидеме повторно кај месниот командант кој иако беше болен ќе не прими. Тој не убедуваше дека е во прашање недоразбирање. Веднаш му пишува на генералот Бојаџиев и ние го чекаме одговорот. Генералот е на кино и додека подофицерот трча и го бара, полковникот Асманов ни зборува за Софија, не убедува дека ќе можеме слободно да се сместиме кај калуѓерките во „Св. Јосиф” и дека ќе направи се што е можно, нашето патување да не биде многу мачно.

Одговорот на генералот пристигна и е потврден. Ќе си одиме кога славниот бензин ќе пристигне. Во главната улица го сретнавме градскиот управител, син на Бојаџиев, кој излегуваше изненаден и нерасположен поради тоа што нашето заминување се одложило. Тој додава:

„Зошто француските пилоти фрлија бомби над градот? Вие ќе одите во Софија, во тоа бидете сигурни, грчкиот и романскиот конзул, исто така.? Сепак тоа е еден ден повеќе.

28 јануари, 1916

Повеќе германски лекари дојдоа да ја посетат нашата куќа. „Штета што ќе си бегате — ни велеа тие — ние ќе побаравме од Бугарите да ве задржиме за да им помогнете на нашите болни.”

30. Недела. Германскиот воен свештеник ја врши службата божја на парохијата, во исто време црквата е полна со германски војници, а за граѓаните е резервирана говорницата. Две сестри го сретнуваат Маринов, кој ги извести за тоа дека треба да бидат готови за заминување. ,Ќе дојдам да ви го кажам официјалното мислење — им рече тој — утре или задутре ден.”

31. Целиот град е во страв, зашто генералот Бојаџиев уште од синоќа придонесе да се шират вести, т. е. информирајќи го (населението дека ќе заминат б. м.) ова утро, а од 31 велеше ќе има напад од многубројни француски авиони. Главниот штаб и еден дел од бугарската војска го напуштија градот преку ноќта.

Денот помина, а авионите не се појавија на хоризонтот. Бугарите непотребно се мачеа.

1-ви февруари, 1916

Ново официјално соопштение за заминување:

„Бидете готови, во секој момент можат да дојдат да ве побарат — рече Маринов.”

2 февруари

Лекарот Келер се појави во болницата:

„Бугарите ни ја дадоа вашата куќа за да ја преуредиме во германска болница; ако останете добро, а ако си одите пак добро.”

Со овие љубезни зборови тој не напушти. Водиме сметка да го ставиме материјалот на одделенијата на сигурно место т. е. на таван, а долу да му го ослободиме на Германците целиот први кат.

Во текот на оваа недела Германците ја уредуваат нивната болница. Главен лекар е лекарот Куртиен, кој е сосем пристоен, не сака ништо да измени во куќата, без да побара наше мислење; тој не убедува дека ќе ни биде надоместена штетата за трошоците направени околу болните и ни вети дека ниту еден Германец не ќе ги пречекори скалите што водат кон собите на сестрите. Со себе го има вештиот хирург лекарот Келер чие, однесување и зборови ќе останат засекогаш на висината на неговата уводна реченица, и еден млад лекар, докторот Вјдум, кој треба да биде одговорен во болницата, инаку многу искрен; тој се потруди да ги поправи сите погрешни и напорни извештаи дадени од едни или други и постојано бара да ја ублажи положбата на сестрите.

6 февруари

Нова посета од Маринов, тој не извести дека заминувањето на грчкиот и романскиот конзул е предвидено за идното утро и дека нашето ќе уследи веднаш потоа.
Почестувани сме во присуството на конзулите. Тоа е голема чест; последниве неубедливо ќе најдат причина нашето заминување да следи по нивното. „Бугарите — ни велат — не сакаат” „сведоци”.

7 февруари

Со заминувањето на конзулите, пристигна персоналот на германската болница. Треба да им помогнеме во приготвувањето на собите, да се нанрави попис на материјалот и на постелнината на подвижната воена болница.

8 февруари

Сите сестри се готови за заминување. И овој пат автомобилите не пристигнуваат, а наспроти тоа сместувањето на Германците е завршено; нашиот диспанзер стана канцеларија за прием; кабинетот на лекарот — телефонска пошта, сите одделенија од првиот кат — соби за болни, собата за разговор, — соба за лекарскиот помошник, кабинетот на управникот, — биро за главниот лекар, трпезаријата на децата, — спална на болничарите.

Малку по малку болните пристигнуваа, а лекарите побараа една сестра за заразни болести и уште една за во операционата сала; наскоро сите се зафатени по одделенијата, а болничарите се разбираат како што можат, зашто само двајца знаат француски. Но, во најтешка положба е готвачот. Се разбира дека сестрата задолжена за кујната ги стави на располагање сите потребни садови, меѓутоа зошто служат тие кога нема што да се стави внатре. Првиот оброк за персоналот и болните се состоеше од една шолја кафе без шеќер и едно танко парче леб, вториот оброк е сличен, третиот исто со едно менување, супа и месо, потоа намалување на кафето и црниот леб. Никој не вели ништо. Германската дисциплина го замина она што го замислувавме.

Тоа траеше од 8—14. Одвреме навреме се дава оброк кој го заслужува тоа име, но тоа е ретко и на крајот уморниот персонал купува неколку намирници, за што даде придонес и сестрата Венсан. Меѓутоа од 11 простории стануваат тесни и лекарот го бара и детското одделение; потребно е да се смести целиот материјал во што и успеа.

14 февруари, 1916

На 14 дојде до голема посета на болницата од страна на виши офицери и лекари со високи чинови: еве го резултатот кој се однесува на нас, доставен од лекарот Ејдум:

„Вашето заминување ќе биде одложено на неодредено време; германските лекари решија да протестираат против сите наредби издадени од Бугарите”.

Другиот резултат на посетата е драгоцен за сестрите и болните, а готвачот воздивнува:

„Сега, рече тој, болницата е призната па ќе имаме намирници. „

Никогаш нема да биде доста, зашто сите управи што ќе уследат една по друга ќе го зачуваат истиот ред; 7 часот, црно кафе без шеќер, едно парче леб, ако го има, одвај покриено со мармалад во 12 часот, варено месо со супа од сув зарзават (граф, ориз или јачмен) без леб. Во 3 часот кафе и парче леб. Во 6 исто. Кога лебот недостасува проблемот се решава со супа од стоплено жито или брашно. Во таков случај, ни еден болен нема храброст да ја испразни порцијата, зашто миризбата од одвратното брашно го поткрева стомакот.
Кога управата на воената болница ќе биде побогата, за тешко болните ќе има бисквити наместо леб, млеко и неколку јајца.
За закрепените од тифусната треска, ќе има обемно јадење — компири и ориз со млеко. Сестрите сами ги негуваат болните, а болничарите идат кај нас молејќи не да им резервираме еден мал додаток. Тие се гладни, секогаш гладни. „Како да се живее и работи, велеа тие, со таква храна. И нека се рече дека цела Гермашија, сите се гладни!” Кога е во прашање кујната, тоа е исто како борба за живот.

15 февруари

Еден бугарски апотекар дојде да направи попис на нашата аптека. Истиот дан, додека германскиот католички свештеник е присутен и спречува секаква кражба и секакво непристојно држење во црквата, група офицари почнуваат со пописот во црквата на мисијата. Свештеникот претходно ги зеде и ги засолни светите вазни и скапоцени украси.
Секое утро тој редовно ни ја одржува светата божја служба во нашата мала капела. Секоја вечер ни го дава причесното блаженство, а сакоја сабота тоа е следено со општо збогување, се до денот кога неговото познавање на францускиот јазик не стана доволно за да му дозволи повторно да ја продолжи службата божја на вообичаениот начин.
Кон крајот на месецот се зборуваше за менување на управата. Dentsch Lazaret (германска болница) траба да и направи место на Feld Lazaret (полска болница). Промената се изврши на 4 март. Главниот лекар пристигна со целиот потребен матаријал: амбулантска кујна, апотека, вешарница, тн. и со многуброен персонал.
Лекарот Минхаузен, шеф на лекарите, професорот Хокер, прв хирург, Мозес втор хирург и интерниот лекар Шмит. Подвижната воена болница е комплетирана со инспектори, надзорници, аптекар, студенти што студираат медицина итн.
Новиот главен лекар бара една соба во приземјето за бања, а тоа е трпезаријата на сестрите и соба за посета на болните војници!. Се уште треба да се стегаме. Амбулантата ја претворивме во трпезарија. Лекарот Ејдум останува неколку дена за да го упати новиот персонал во текот на работите; неговата вистинска грижа е да ги извести лекарите и инспекторите дека сите личности од куќата, сестри и деца се хранат во воената болница.

„Ние не можевме да ви дадеме речиси ништо, ни рече тој, бидејќи и ние бевме бедни, но вие сите имате право на лекарски начин на живеење. Сега новата управа го има она што е потребно за 200 болни, а тука се само 50.”

Работите среќно се наредуваа бидејќи намирниците ни беа при крај, а во Битола беше се премногу скапо.

На 8 март, Маринов повторно дојде, а лекарот Минхаузен беше тука. Тој на брзина сакаше да дознае за што се работи. Разбра дека сите сестри треба да си одат во рок од 48 часа.

„Тие нема да си одат, рече главниот лекар. Без сестри понатаму не одговарам за болните.”

— Но тоа е наредба од Радослав, вели Маринов.

„Добро, рече лекарот — веднаш ќе одам во главниот штаб”.

— Непотребно е, вели Маринов, сестрите ќе си одат.

По враќањето главниот лекар не убедува дока сепак тој победил.

„Но, рече тој, потребно е Бугарите да не се сомневаат во вас за шпиунажа.”

Ги забранивме сите излегувања и целата соработка; ќе треба да се откажеме од приемот на неколку личности што доаѓаат да не видат. Затворот станува се потесен.
Како надоместок за тоа персоналот на Feld Lazaret постојано се покажува благонаклон кон сестрите и неколкуте сирачиња.

Имаме многу работа. Потребно е по две сестри да бдеат цела ноќ; работата во кујната се комплицира; лекарите сите свои оброци храна ги добиваат во своите станови и не се ослободени од приеми; исто така во некои дни има прилично движења и шумови во ходниците и градината, особано кога се врши распределба на коњак. Нашата бедна куќа стана речиси касарна; божестваната заштита не престанува. Секој ги почитува сестрите дури и лекарите и инспекторите, кои во работата на својот персонал во вршење на корисни распределби и во менувањето на нашата мала градина не решаваат ништо без да го побараат нашето мислење.

Кон крајот на април дознавме дека германскиот полк ќе ја напушти Битола, а Feld Lazaret; ќе го слeди него. Персоналот брзо се готви за заминување, болните се евакуирани, а остануваат само оние што се опeрирани во последно време.

24 април, 1916

Пeрсоналот не напушта, без да се обиде да го замени делот од прeдметите за прва потреба кои исчезна по неговото пристигнување; наспроти тоа, во аптеката со сменувањето на оваа подвижна воона болница исчезнуваат и сите скапи лекови.

Војна е!

Професорот Хокер, останува со последните болни и прави постапка за да издејствува да остане во Битола, зашто нашата операциона сала му се допаѓа.

Истиот ден, 24 април, лекарот Николаев доаѓа според источњачкиот обичај, не посетува за Велигден, а како празнична желба не известува дека, откога Германците ќе ја напуштат Битола, ние сите ќе бидеме заедно и брзо ќе отпатуваме за Софија. Потоа ни збаруваше за крајот на војната и нејзините последици; неговите замисли се мошне малку, весели за француското срце што го молиме да молчи. Германците, и покрај нивната мала чувствителност, не разговараат спротивно со нас на оваа тема.

„Французите, ни велат тие, се однесуваат во оваа војна изврсно; тие се во свое право бидејќи ја бранат својата земја и се секогаш први во борбата; тие се најдобрите и најхрабрите и се достојни за пофалби.”

25 април

Дојде градскиот управител, поставувајќи ни разни прашања: дали нашата мисија е наменета за образование на сестри или само да се просветуваат деца и дали сестрите сакаат да останат или сакаат да си одат? „Одговорот е даден брзо:

„Ќе ја напуштиме нашата куќа само со изрична наредба, но еве веќе три месеци како бугарската власт не престанува да ни потврдува дека ќе бидеме протерани”!

— Не, рече градскиот управник, таквите известувања се по барање на Радославов, а пак вие ако сакате ќе останете во Битола.

27 април

Професорот Хокер ни вели дека претпладне мора да не напушти за да се придружи повторно кон својата подвижна воена болница; во 10 часот му телефанираат дека е овластен да формира нов персонал и со него да остане. Болните пристигнуваат, подвижната воена болница работи со два или три болничари и сестрите што треба да ги заменат лекарите, хирурзите и аптекарите. За несреќа, новиот главен лекар нема способности потребни за еден управник. Тој не може да сфати дека постојат неопходни трошоци; неговиот поглед никогаш не помина во операционата сала, а освен тоа нема средства, така што новата германска болница (Dentsch Lazaret), што тој ја зеде врз себе да ја организира, не припаѓаше ни на една болничка категорија. Тогаш настанаа непрестани расправии за храната, перењето и осветлението. Има многу да страдаме, но нашата утеха е да мислиме дека нашата мизерија директно зависи од таа во Германија. Наскоро ќе треба да ги урнат своите претензии, си велевме тивко.

Навистина, во текот на мај, мислењето на германските офицери за мирот изгледа како да претрпеа сериозни промени. Тие се гладни и жедни. Ни недостасуваат толку работи во Германија, ни велат тие, па кога ќе биде потпишан мир имањето на сето тоа ќе биде не само осетна радаст, туку занес. На Франција, сигурно ќе и ги вратиме окупираните територии, исто така и на Белгија и еден дел на Русија, но Србија! Не, нема да ја оставиме да се обнови.” Неколку месеци подоцна тие не сакаа да отстапат ни чекор од окупираните торитории.

28 мај

Министерот на Бугарија во Букурешт господин Рисов дојде да не види, а истовремено ни носи новости од сестрата Пуки, главна сестра во Букурешт.

„Израснав во Франција, ни рече тој, и покрај војната ја сакам Франција, а освен тоа имам особена почит кон католичките калуѓерки: Две од нив ми го спасија животот и тоа не можам да го заборавам.
Ќе бидам среќен да ги пренесам вашите новости на сестрата Пуки; толку многу настојував да дојдам да ја запознам, најпосле и да ја смирам вашата судбина; по еден месец имав сигурен одговор. Но напишете и дека ќе се задолжам за писмото и”.

Неколку дена потоа, г. Рисов повторно дојде да го земе писмото и сакаше да знае дали имавме многу страдано од Германците, дали ни го даваат најпотребното.

„Охрабрете се, има толку сестри чиј живот е потежок од вашиот. Војната ќе потрае уште некое време, а потоа вашите паралелки, ќе видите, ќе се полнат со деца. Ве молам да ги чувате местата за живеење на моите три внуки од Ресен. Сакам тие да добијат француско воспитание. Сега ќе одам во Пловдив за да му ја вратам посетата на г. Бержеро и ќе се погрижам за она што му недостасува.”

По овие зборави, министерот не напушти. Тоа беше единствена пријатна посета во оваа година. Меѓутоа, една друга утеха ни е дадена со тоа што можевме да испратиме писмо во Франција по лекарот Димитров, кој беше член на Бугарскиот црвен крст, но одговор не стигна никогаш. Впрочем, уште во почетокот на окупацијата ни беше соопштено дека не ни е дозволено никакво допишување. Сепак, Германците се заложија за неколку писма и поштенски картички на еден француски заробеник и исправно ни ги вратија одговорите. Тоа е нашата единствена врска со нашите сонародници. Така поминаа жално и тешко месеците јуни и јули. Епидемиите го зголемуваа бројот на болните. Нашата куќа е многу тесна. Германците ни ја приклучија грчката болница, а две сестри таму ги минуваат своите дни во тифусните и дезинтеричните одделенија.

Прекумерната топлина, мувите, недостатокот на воздух го прават животот заморен. Сестрите се при крајот на своите сили, но не треба да се мисли на одмор, неопходна е деноноќна работа. Новостите станаа се поретки и поретки, па се прашувавме дали сојузниците мислат да ја заземат Битола или не. Сепак, за тоа е веќе време. Населението е во крајна немаштија и мизерија. Се зборува за жени и деца што умреле по улиците од глад, а пак одвратниот германски леб, баран од многумина, е купуван за 4—5 франка.

Кон крајот на јули, организацијата на подвижната воена болница се менува. Сега е таа градска болница. Еден инспектор треба сега да се погрижи за материјал и одвај успеа да сфати дека се ни припаѓа нам. Уште од првите денови тој сака да се смести на првиот кат, бидејќи има потреба од повеќе одделенија.

„Вие нема горе да се сместите. Имам ветување од вашите шефови дека овој кат ќе биде резервиран за сестрите. Вие морате да се прилагодите на условите што постоеја пред вашето доаѓање и без кои ние се согласуваме да ги негуваме вашите болни.”

Инспекторот останува на своето и се обидува да ги спроведе своите намери преку лекарскиот шеф, кој го моли да се откаже од влегувањето во нашите станови.
Замислата на овој инспектор ќе биде непогодна за сестрите. Тоа се и бескрајни тешкотии до последниот ден, за добивање на најпотребните работи за болните. Сестрите се наоѓаат меѓу наредбите на лекарите и наредбите на инспекторот, кој сака да ги укине најважните трошоци.

Освен тоа, треба да му се отстапи од нашиот простор една соба во приземјето, со која се уште ние располагаме и која им служи на децата како трпезарија и работилница. Сега кутрите малечки се сместени на таван, кој им служи како спална. Ние не смееме да ги оставиме ниту еден момент во градината од страв да не ни наредат да ги сместиме децата надвор (од зградата б.м.)

Исто така требаше да им се даде и спалната на пансионерите која ни служи како амбуланта, но за среќа, бидејќи таа има самостојни скали, и понатаму нам ни остана. Се прашувавме дали еден ден ќе треба, исто така, и ние да си одиме?

На 15 август, забележуваме мала вознемиреност; борбите штотуку ќе отстапат;

17 август 1916

Преживуваме едно силно бомбардирање од страна на француски авиони, исто така и на 18; дознавме дека борбите се обновени. За нас е тоа еден превез кој се крева; веќе толку време сме во темнина и нели е битката почеток на победата? Наскоро доаѓаат кобни вести: Бугарите го освоија Лерин и напредуваат секој ден. — Наскоро ќе бидеме во Солун — повторуваа тие со задоволство.

Довербата не напушта; го познаваме добро патот за Солун; пред да го поминат Острово, залудно беше да се пее за победата.

Првите ранети Германци ни пристигнуваат:

„Острово е пекол, ни велат тие; Бугарите не ќе издржат никогаш пред француската артилерија. „

Навистина наскоро ни беше најавено повлекување, додека гласот на артилеријата се приближува; ранетите не уверуваат дека Французите ќе стигнат во Битола кога ќе сакаат тие.

Во ноќта меѓу 14 и 15 септември сестрата што помага кај хирургот почувствува дека лекарите се загрижени. Бугарите се повлекуваа од Битола, а сојузниците ги следат одблизу. На крајот ќе свршат сите наши несреќи.

15 септември 1916

Рано изутрина автомобилите се пред врата за да ги однесат болните и материјалот; во овој момент има големо бомбардирање од француски авиони, но заминувањето сепак се извршува. Остануваат само неколку ранети, а и грчката болница исто така е евакуирана; таму останаа само четири болни кои треба да бидат пренесени во нашата куќа. Во 2 часот не собра католичкиот свештеник во капелата и ни даде света верска причест; тој ја уништува нафората, бидејќи мисли да си оди ноќта.

16 септември

Болните кои пристигнаа синоќа си одат, но дефинитивна наредба за заминувањето на персоналот не доаѓа. Се телефонира дека многу ранети се на пат за Битола, што значи повторно ќе треба да се подготват салите.

17 септември

Ранетите се многубројни и тие ни раскажуваат за доаѓањето на сојузниците. Но за жал подготовките за заминувањето наполно се запрени.

18 септември

Народните денови пак се охрабруваме. Пристигнува материјал; подвижната воена болница повторно почнува да работи, тука се нови германски трупи со артилерија и митралези.
Во последните денови на септември и првите денови на октомври француските авиони не посетуваат, а бомби експлодираат на сите страни. Населението делумно живее по визбите.

30 октомври

Повторно се зборува за повлекување.
Една нова узбуна кај Германците. Исто како и на 15 септември католичкиот свештеник околу пладне го изврши светото причествување, ги остави клучевите на црквата и се збогувавме. Ранети, болни и еден дел од персаналот и материјалот се упатени кон Прилеп. Уште еднаш нашите срца се отвораат за надеж.

За жал по два дена се започна по старо. Меѓутоа, бугарскиот главен штаб го напушти градот, а раководството на градот им е доверено на Германците. Слушнавме дека генерал Бојаџиев е деградиран и одведен под стража во Софија, каде ќе му се нуди, а можеби и ќе го стрелаат. Германците секој ден добиваат зајакнување, но пропорционално се зголемува и бројот на ранетите; бегалците од околните села ја полнат Битола, и ден и ноќ слушаме топавски канонади.

Во првите денови на октомври управникот на полицијата не престанува со апсењата; и покрај протестирањето на Германците, сите грчки лекари од градот се испратани во Софија, а бидејќи сите бугарски воени и цивилни лекари исто така си заминаа, градот остана без лекари, освен оние во германската подвижна воена болница, кои се многу зафатени, и ден и ноќ, со многубројни ранети.

Наскоро ќе нема каде да се сместат ранетите. Грчката болница и нашата куќа се недостатни; ходниците се полни. Покрај сето тоа, секој дан се вршат евакуации на по стотина ранети со автомобили, некои во товарни коли, а исто така и во двоколки.
Закрчувањето претставува тешкотија, заразата е преголема, хирурзите и сестрите деноноќно не ја напуштаат операционата сала.

„Тоа не е ништо, велеа нашите сестри, и покрај ,работата се приближуваме кон крајот!”

Навистина канонадите се многу близу, па сега се слуша пукањето на пушките и митралезите, а се наидува и на заробеници — болни.

15 ноември 1916

На крајот, на 15 ноември, подготовките за заминување отпочнуваат. Одвај смееме да веруваме. Уште еднаш го примаме светото причествување попладнето.

На 16 и 17 заминуваат ранетите, потоа следуваат наредбите и противнаредби за крајната евакуација.

На 18 во 8 часот се зборува само за заминувањето; во 10 часот ги запираат сите подготовки. Нашите срца веќе се стегаат, кога во 2 часот вознемиреноста станува мошне голема. Болничарите трчаат де ваму, де таму, ги облекуваат болните, ги сместуваат во колите, го собираат материјалот и го фрлаат во двоколките. Сламата ја собираа во нашиот двор и на улицата. Тоа е едно непрекинато дефиле на автомобили од сите видови. Што се однесува до нашата бедна куќа, во неа владее една неопислива збрка. Лекарите се збогуваат, доверувајќи ни ти тешко ранетите.

„Ние знаеме, велат тие, дека во една француска куќа ранетите нема од што да се плашат.”

Во 6 часот вечерта улицата е празна. Лекарскиот шеф пристигнува од Прилеп каде што отиде утрото, за да се поздравиме и да ни заблагодари. Католичкиот свештеник ни ги донесе «светите црковни вази и украси што ги зачува со внимание и сигурност. По половина час лекарската кола со голема брзина замина, а ние брзо ги затворивме сите врати. И на крајот, по толку време во затвор, се најдовме повторно слободни. Еден извик на благодарност излета од нашите усти: Пречиста Марија ги зачува своите ќерки од сите опасности. Меѓутоа, треба да размислиме за нашите кутри напуштени ранети, повеќе напуштени отколку што мислиме ние, бидејќи залудно ги бараме луѓето од санитетот што требаше да останат со нив. Сите си отидоа.

Овие кутри болни цела ноќ ги викаат своите „другари”. На поголемиот дел од нив им беше отворен черепот, а кај некои веќе се јави менингитисот. Еден од нив умре ноќеска, а двете сестри што бдееа од него го носат во малата сала наменета за мртви; во моментот кога го преминуваа дворот силна експлозија ги натера да го остават нивниот товар на земја. Им се чинеше дека многубројни бомби експлодираат околу нив. Во исто време небото се обојува од сите страни, што доаѓаше од пожарите што отпочнуваа.

Кон 3 часот наутро, пожарот откај касарните земаше толкави размери, што изгледаше како да целиот град ќе изгори; топлината се пробиваше дури во становите, а страшниот ветар го ширеше пламенот, па најпрво искри, а потоа големи пламени минуваа над нашата куќа и паѓаат врз огромниот куп од слама што ги допираше нашите ѕидови. Набрзина сите сестри се на работа, тие ја покриваа сламата со влажни чаршафи, но многу се надеваа во заштитата на пречистата Марија.

Експлозиите продолжуваа; тоа се складовите на муницијата и мостовите што Бугарите ги минираа кога го напуштаа градот. Најпосле, ветрот го мени правецот, а потоа се смири. Наскоро немаше од што да се плашиме. Се раздени, а неколку бугарски или германски војници се уште се движат низ градот. Месните жители трчаат де ваму, де таму.

Грабежот почнува.

Грабежот не траеше долго, зашто во 8,30 слушаме извици — Французите влегуваат во градот. Сите камбани одекнуваат, се појавуваат знамињата.

Овој пат е ослободувањето. Работата ја забрзавме бидејќи сметавме дека нашата куќа ќе биде француска подвижна воена болница, а пак Германците ни оставија едно големо безредие. Секој брза — ги собираме ранетите што беа оставени ноќта во две мали соби. Тие увидуваат дека се напуштени и оваа констатација, барем за двајца болни, ќе биде смртен удар.

Најпосле, во 11 часот еден воен дивизиски свештеник — П. Битрен, е во собата за прием; мина веќе една година откако немаме зборувано со Французин, а и да го препознаеме нашиот убав јазик и да имаме новости од Франција, од мисијата во Солун и нашите сестри!

Крајот на денот минува во благодарења; посетите почнуваат од страна на француските лекари и офицери. На 20 не уверуваат дека ќе ја имаме VII алписка подвижна воена болница. Во 5 часот пристигнува персоналот кој слегува од многубројните мазги врз кои лежат ранетите и болните. Повторно сите се среќни што ќе најдат добар кревет долку далеку од мајката татковина, во еден малечок кат на Франција.

Утеха за нас е да ги заборавиме сите минати напори и стравови на нашата затвореничка година. Се уште ќе има тешки часови. Борбите продолжуваат на неколку километри и понекогаш ранетите се многубројни; потоа следува систематско бомбардирање на градот, а на 12 декември дури и на сите подвижни воени болници. Но, и покрај сето тоа, доверба и благодарноста се главните чувства на нашите души.

Единствената мака што ја претрпивме е онаа на 13 декември кога ги видовме нашите храбри војници како ги пренесуваат во грчката болница; но тоа е за нивно добро. Таму во визбите добро засолнети и добро утврдени, тие ќе можат да го поднесат бомбардирањето; впрочем две сестри ќе одат секој ден да им ги извршат вообичаените услуги. Нашата куќа ќе биде наменета за ранетите граѓани. Исто така повторно го отворивме диспанзерот и секој ден доаѓаат старци, жени, бедни деца сите повредени од гранатите. Бедните се толку среќни што не гладаат повторно.
Гранатите свират над нашите глави, паѓаат врз соседните куќи, а во нашиот двор постојано паѓаат парчиња; божествената заштита, која не зачува во средината на нашите непријатели, не заштити и од нивното свирепо бомбардирање.

25 декември 1916

Полноќната божја служба е славена во нашата мала црква; пеевме познати песни, а војниците повторуваа сите во хор:

„L’Adeste fideles etle Gloria excelsis Deo”

(„Приближете се верни — Слава на возвишениот бог”) и нивните гласови преовладуваа над шумот од бомбардирањето.

На 26 заминаа за Солун неколку сестри и сирачиња.

На 28 последните сестри ја напуштаат Битола; срцето е стегнато поради заминувањето, но со надеж дека пречиста Марија ќе ја продолжи својата заштита над нивната мала куќа и ќе им го олесни брзото и среќно враќање.

Сестра Ремон