
Во Македонија особено интересно е значењето на христијанскиот празник Ѓурѓовден, меѓу различните религиозни групи. На ридот помеѓу селата Дедебалци (Општина Могила) и Арматуш (Општина Новаци) позната е месноста наречена „Дупен Камен“, која на Ѓурѓовден ја посетуваат голем број на посетители од различна религиозна и етничка припадност.

На овој ден, посетителите се провираат низ две правоаголни карпи, во потрага на „подобро здравје“. Во близина на месноста се наоѓаат и извори на вода, за кои се смета дека имаат лековити својства.





Како до месноста Дупен Камен
Дедебалци е полско село на 24 км североисточно од Битола, во Општина Могила. Селото е рамничарско, сместено на 592 метри надморска висина во Пелагонија, во средишниот дел на Битолското Поле.
На отприлика половина од асфалтниот пат кој води до селото Црничани, десно се одвојува земјен пат до месноста Дупен Камен во должина од околу 2 км.






