Битолската тврдина – Џепане (тур. cephane – барутана, склад за муниција) е споменик на културата на Република Македонија. Изградено во 1876 година Џепането се состои од четири независни објекти изградени од делкан камен, оградени со висок ѕид. Објектот е сместен во поранешната битолска касарна и се смета за врвно архитектонско остварување на смилевските мајстори.
Според една легенда, битолскиот валија кога им понудил пари на мајсторите по завршувањето на работата, тие одговориле:
„…преплатено е валија, за света работа пари не земаме“.
Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна разбрал дека од спротивниот рид јасно се гледа објект изѕидан во облик на крст.
Поглед кон Џепането од северната страна на Битола
Објектот бил сместен во непосредна близина на Црвената и Белата касарна кои се наоѓале во денешниот градски парк и кои претставувале база во која на моменти биле сместени и до 30.000 турски војници.
Црвената касарна со Џепането во позадина – Битола ~ 1908
За време на Првата светска војна, сите овие воени објекти биле тешко оштетени, но за разлика од касарните, Џепането останало и подоцна било реновирано.
Џепането оштетено за време на бомбардирањето на Битола во ПСВ – 1917
За време на ЈНА (Југословенска Народна Армија) и покасно АРМ (Армија на Република Македонија) овој објект бил повторно магацин за оружје и се чувал како воена тајна, заштитен со стражарници, бодликави жици и челични порти. Интересни се и големиот број на громобрани кои го опкружуваат овој објект, како еден вид на друга заштита, сега против природните влијанија.
Со затворањето на касарната објектот стои празен и во последно време е цел на кражби и уништување.