F-86 Sabre е американски млазен ловец со едно седиште и еден мотор, изграден од North American Aviation, Inc. Тоа бил првиот млазен ловец на Западниот блок кој ги искористил аеродинамичките принципи научени од германското инженерство на крајот на Втората светска војна.
Крилјата на F-86 Sabre се повлекувале наназад со цел да се намали порастот на трансоничниот отпор кога брзината на летот се приближувала до звучната бариера.
Првиот прототип бил произведен во 1947 година, а веќе бил оперативен во 1949 година.
Бил употребуван во Корејската војна каде со соочил против MiG-15 од советско производство, во однос на кој се покажал супериорен.
По Втората светска војна, Југославија под водство на Јосип Броз Тито иако била комунистичка држава, успеала да остане независна од Москва и надвор од Варшавски пакт. Заладувањето на односите помеѓу Тито и Сталин, резултирало со зголемена соработка на Југославија со земјите од НАТО пактот, што меѓу другото резултирало и со набавка на воена опрема, како што биле авионите F-86 Sabre.
Во периодот од 1953 до 1960 година во Југославија биле доставени 229 авиони (F-86E и F-86D), кои биле во употреба до 1974 година (сериски броеви 10501 – 10729).
По смртта на Сталин и стабилизирањето на односите со СССР, овие авиони биле заменети со MiG- 21.
Двата авиони кои се наѓаат под објектот Џепане во јужниот дел на Битола во некогашната Касарна се од типот F-86 Sabre, односно авионите:
– 19566/11056 F-86E(M)
– 52-4118/14078 F-86D
По повлекувањето на авионите F-86 Sabre од употреба во ЈНА, истите биле испратени во разни делови на Југославија, од кои два примероци биле сместени во Касарната во Битола. Како строго заштитена зона во која бил забранет влез на цивили, дел од жителите на Битола знаеле за авионите кое се доведени во Касарната, но ретко кој ги имал и видено.
Нема информација во каква состојба биле кога се донесени во Битола, но со сигурност може да се каже дека до моментот кога во овој дел е овозможено слободно движење на цивили, авионите биле во добра физичка состојба. Според кажувањата до нив имало и остатоци од хеликоптер.
Интересно е да се нагласи дека во овие авиони применети технологии кои биле револуционерни во тој период, односно самата нивна појава на небото над Македонија била вистинска сензација, особено поради нивната можност за пробивање на звучниот ѕид.
Денес, иако многу пати јавно се зборува за овие авиони, па дури биле започнати и иницијативи за нивно обновување или пак конзервација, за жал не е направено ништо во таа насока и истите практично се доведени во непрепознатлива состојба.