Француските воени гробишта во Битола (Bitola Cimetière Militaire Français) се подигнати од страна на Франција во спомен на паднатите француски војници на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна во Битола и околината.
Француските воени гробишта во Битола се најголеми од ваков вид во Република Македонија. Идејата за нивно формирање доаѓа веднаш по Првата светска војна во Франција.
Бил формиран централен комитет во Париз, кој бил задолжен да го организира и спроведе собирањето на остатоците од француските војници и да воспостави локација на воени гробишта на подрачјето каде дејствувала француската армија.
Посебна тежина имал процесот на наоѓање и идентификување на остатоците на загинатите војници, кои биле закопани на голем број различни локации. Притоа, особено помогнало локалното население и прецизната француска воена документација. Во пракса, собирањето на останките одело вака: прво локалното население било прашувано за локации на гробови од француски војници, по што останките биле откопувани и идентификувани.
Ископаните остатоци биле собирани во вреќи, специјално импрегнирани за таа намена и сместени во одделни дрвени кутии, кои биле пренесувани на новите гробишта во североисточниот дел од Битола веднаш до патот за Новаци.
Над секој гроб бил ставен метален крст со француски триколор и основни податоци за војникот: име, број на единица, место на раѓање и кога бил убиен.
Над гробовите на муслиманските војници (мобилизирани од колонијалните земји на Франција), наместо крст, гробовите се обележани со исламски религиозен симбол.
Денес меморијалните француски воени гробишта во Битола се вечно почивалиште за 6128 идентификувани и повеќе од 7000 неидентификувани остатоци од француски војници.
Церемонијата на официјалното отворање на гробиштата се одржа на 15 септември 1923 година, како потсетник за денот и месецот, кога во 1918 година на локалитетот Добро Поле започна офанзивата во која силите на Антантата ја пробија линијата на Македонскиот фронт.