
(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
Изборот на најдобрите спортисти за 1967 година се одржа на крајот од истата година. Организатори на манифестацијата беа редакцијата на Битолски весник и СОФК-а.
За прв пат манифестацијата беше организирана во киното „Трудбеник” со присуство на бројни спортисти, спортски работници, претставници на општествено политичките организации и граѓани и богата културно уметничка програма на која посебна атракција беше познатата естрадна уметничка, битолчанката Виолета Томовска.
Комисијата ја сочинуваа: Мице Миленковски, претставник на СОФК-а, Илија Упалевски, познат спортски работник и Миле Божиновски, спортски уредник на Битолски весник. Во анкетата учествуваа рекорден број читатели кои помогнаа многу во оформувањето на конечниот изглед на ранг-листата на најдобрите спортисти.
Ранг-листа на најдобрите спортисти за 1967година
1. Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Ѓуц (падобранство)
2. Мичо Петровски – (гимнастика)
3. Боне Трајковски (ракомет)
4. Миле Огненовски – (стрелаштво)
5. Кузман Лоловски – (падобранство)
6. Дане Бачевски – ( кошарка)
7. Стојан Стаматов – ( ракомет)
8. Борче Илиевски – (шах)
9. Пеце Петров – (пливање)
10. Благој Рајковски – ( велосипедизам)

Кузман Лоловски – еден од најдобрите падобранци на Битола

По големите успеси, остварени во 1967 година, беспрекорниот човек, спортист и вистински вљубеник во небесните синила, или бестрашниот јавач по облаците, Ѓорѓи Ѓеорѓиевски – Ѓуц, сосема заслужено стана спортист на Битола за 1967 г. Читателите на Битолски весник за него дадоа рекорден број гласови, дури што дотогаш ниту било, ниту пак ќе биде во иднина.

Мичо Петровски веќе беше познат на битолската јавност како извонреден мајстор на гимнастичките справи. Се уште беше во зенитот на славата и еден од најдобрите гимнастичари во Битола и Македонија. За него гласаа 9.854 читатели на Битолски весник.
Боне Трајковски, беше „дете” на битолскиот ракомет. Се предели да биде голман и беше човек без кого не можеше да се смисли првата постава на „Работник”. Својот глас за Боне го дадоа 4.203 вљубеници во спортот.
Миле Огненовски-Зевс од читателите иа Битолски весник собра 7,456 гласови. И комисијата немаше никакви дилеми дали овој стрелец да се најде на ранг-листата на десетте најдобри спортисти за 1967 г.
За Кузман Лоловски гласаа 6.842 читатели на Битолски весник. Овие гласови му обезбедија пласман на 5 место. Лоловски, всушност, продолжи со успесите во падобранството и заслужено беше меѓу најдобрите спортисти на градот.
Дане Бачевски и натаму беше миленик на битолчани. Како вистински виртуоз во кошарката можеше да игра во било кој поголем клуб низ Македонија и Југославија, но тој ја сакаше Битола и со радост и гордост ги бранеше боите на својот град. За Дане гласаа 6.200 читатели.
Стојан Стаматов, исто така, беше еден од ракометарите кој значеше нешто не само за „Работник”, туку воопшто и за ракометот во Битола и Македонија. Беше стандарден првотимец, градител и организатор на играта. Заедно со Петар Стојчев, Пеце Димитровски и други беше столб на РК „Работник”. За Стојан, гласовите ги дадоа 5.861 читател.
Во шахот не се знаеше кој беше подобар. Час тоа беше Борче, час Димче Илиевски. Минатата година меѓу најдобрите се најде Димче, а во 1967 година место на ранг-листата обезбеди Борче Илиевски. Борче собра 5.591 глас.
За пливачот Пеце Петров гласаа 4.632 читатели. Овие гласови на Пеце му го обезбедија деветтото место меѓу најдобрите спортисти.
Велосипедистот Благој Рајковски, пак, собра 4.141 глас и се најде на десеттото место на најдобрите спортисти на Битола за 1967 г.

