Најстарите остатоци од животот на човекот во Пелагониската котлина потекнуваат од времето на неолитот, со најстариот претставник Велушко-породинската култура која временски припаѓа кон крајот на раниот неолит.

Бројните материјални откритија од археолошките локалитети (Велушина, Породин, Беранци) докажуваат културни слоеви на живеење од периодот на енеолит, бронзено и железно време, додека наодите од античкиот локалитет Хераклеа Линкестис (подигнат од Филип II во 349 год. п.н.е) создаваат континуитет со животот на градот во македонско-хелинистички и римски период.

По илјадагодишното постоење, во VI век животот во античкиот македонски град Хераклеја престанал. Тоа е времето на масовно населување на Словенските племиња на македонските простори. Во непосредна близина на Хераклеја се доселува македонско – словенското племе Берзити, односно Брсјаци кои почнале да ја создаваат нова словенска населба, којашто туѓинците различно ја нарекувале, како: Бутела, Бутелион додека месното словенско население, својата населба ја именува како Битољ, од што произлегува и денешното современо име Битола.
Во времето на владеењето на Цар Самуил, на син му Гаврил Радомир и на внук му Јован Владислав, во Битола постоела царска резиденција, односно царски дворци. Во еден воен поход, царот на Византија Василиј II наредил тие да се запалат, но градот не го зазел.
Битола, како и другите средновековни градови, имала своја тврдина за заштита на населението од воени напади и од грабежи.Тврдината била значително оштетена. Во 1015 год. царот Гаврил Радомир бил убиен од неговиот братучед Царот Јован Владислав, кој се прогласил за цар и во 1015/16 наредил да се обнови градската тврдина. По тој повод, на видно место, при влезот на тврдината била поставена голема мермерна плоча со словенски текст, каде за прв пат се спомнува градот со неговото словенско име т.е. на неа пишува дека тој на ова место подигнал град под име Обител, што значи манастирски стан или семејство. Ова плоча е пронајдена во Солак – Сингур Чауш Џамија, и денес се наоѓа во битолскиот музеј.

По кусото владеење на царот Јован Владислав, Битола и целото царство подпаднале под византиска управа. Во 1019 год. Битола се споменува како седиште на епископ кој бил под црквена управа на Охридската епископија споменувана во делото на Јован Скилица “Кратката историја“ и познатата “Грамота“ на императорот Василија II, каде што Битола е претставена како значаен словенски град.
Во XII век, Вилхем Тирски борејќи се во Првата крстоносна војна, Битола ја спомнува како голем и убав град. Во средината на XIII век слични податоци дава и арапскиот патописец Идризи во своето дело “Географија“ пишувајќи дека Битола е значаен и убав град со убава местоположба, а Теофилакт Охридски за време на Душановото царство во првата половина на XIV век, Битола ја опишува како развиена населба со феудален систем, развиена трговија со Дубровник, Венеција, Солун и Цариград или кратко кажано Битола во средниот век доживува силен процвет непосредно пред пропаѓањето под османлиската власт.
Во средниот век Битола исто така претставувала црковно седиште за областа Пелагонија, а и пошироко.
Со продорот на турците османлии на Балканскиот полуостров, Битола пропаднала под османлиската власт во 1382/3 година. Турскиот хроничар од XVII век во своето дело “Настани што воодушевуваат“ забележал:
“… додека прилепската тврдина била освоена по мирен пат, битолската беше освоена по пат на сила…“
При освојувањето на градот Битола турците се стретнале со голем отпор од страна на битолчани, но по неколкудневен отпор истиот бил скршен од надмоќниот освојувач, на чело со Тимурташбег.
По заземањето на градот битолската трвдина била урната до темел. Со посебен ферман од Султанот Мурат I градот беше предаден на управување на Евронос бег. Во овој период, во турските документи Битола се споменува под името Манастир, некаде Толи Манастир или само Толи или само Манастир, но и Монастир.
Поради важната географска положба, Битола станала важен воено- политички и административно-културен центар во овој дел на балканот.
Во периодот кој следи градот доживува крупни етнички промени, турското население станува доминантно население за чии потреби биле изградени верски установи – џамии, други позначајни објекти – медреси (верски училишта), безистени, текии, анови, амами (бањи), сараи (раскошни куќи) и др.


Во XV век во градот се доселува еврејскиот етнос кои биле протерани од Шпанија и Португалија, а во XVIII век исто така се доселиле и Власи кои биле принудени да бегаат пред зулумот на Али-паша Јанински кој им го запалил големиот напреден град Москополе во 1778 год.

Ваквиот растеж на градот овозможил Битола, после Солун да стане најзначаен економски и културен центар на Македонија. Османлиската власт, преку својот специфичен тимароспахиски систем на управа, со многу лоши даноци ги оптоварила селаните кои неможеле тоа да го поднесат и почнале да даваат разновиден отпор.
Исто така се појавиле и многубројни разбојнички банди кои немилосрдно ги тероризирале жителите на битолските села.
Поради тоа тие почнале да бегаат, да го напуштаат селото и да се доселуваат во градот. Со раселувањето на селаните во Битола, кое започнало во XVII век, ќе започне и ресловенизацијата на градот т.е. Битола ќе стане главно етнички македонски град.
На местата од иселените постепено се населуваат Албанци. Покрај имотните Турци, Власи и Евреи се јавуваат и имотни Македонци кои имаат свои врски со Трст, Виена, Лајпциг, Цариград, како и со државите Србија, Романија, Бугарија и др. Овие трговци имаат свои магазини и складови во битолската чаршија и доминираат во неа.
Во чаршијата се оформиле посебни пазари, каде што се продавал еден вид стока, како што биле: Пекмез-пазар, Ленски-пазар, Овчки-пазар, Дрвен- пазар, Ат-пазар, Маст-пазар и др. Слично било и со населбите во градот, наречени маала: Баир-маала, Бела-Чешма, Чифте-фурни,Арнаут-маале,Ѓупска-маала, Еврејска- маала, Јени-маале и др. За пазарните денови во чаршијата се слушал, покрај македонскиот, и влашки, ладино (јазикот на Евреите), турски и др. јазици. Ретко кој не знаел два, па и три странски јазици.


За овој период венецијанскиот пратеник Лоренцо Бернардо оставил прекрасни податоци за градот. Тој пишува:
…Монастерио е мошне населено место… Како што велат, има 1.500 куќи од кои 200 се еврејски… Тврдина нема … има кадилак (седиште на судија и судски органи), изобилува со жито и тргува со волна, восок, кожи … Изобилува со вода и со чешми … Има безистен, убави џамии, карвансарај …“.
Во овој период битолското граѓанство, за своите потреби, за секакви прилики, ја копирало западно-европската мода, во облеката, во контактите, во манирите, а воедно го копирало и надворешниот сјај преку архитектурата, внесувајќи во градот нов стил на живот- прозападен. Тогаш во Битола значајно се зголемува бројот на жителите.
Така, од град со околу 8.000 жители во 1807 г., дојде до 46.000 жители во 1858 г., со што спаѓа во редот на развиените градови, не само во Македонија туку и на Балканот.
Од 50-те години од XIX век Битола како центар за европска Турција побуди интерес кај многу балкански и европски држави да отворат свои конзуларни преставништва и агенции. Тоа доведе Битола да прерасне во значаен воено-економски – политички и културен центар, да ги развие трговските врски со Европа и самата од ориентален град да поприми лик на европски град, во архитектурата, во начинот на живеењето, на однесувањето, облекувањето и сл. Тоа е период кога Битола ги доби eпитетите “конзулски град“, “град на клавирите“ , најопеан град“.

Сопственик: НУ Завод и музеј Битола / Откупен од семејството Спростран кое го купува клавирот во Виена
Во ноември, 1851 год. свој конзулат прва отворила Австрија, а потоа свои дипломати испратиле и Русија, Грција, Србија, Италија, Романија, Велика Британија, Франција, така што за деветте децении на конзулскиот период низ Битола поминале стотина конзули.
Истовремено со активноста на конзулите во полза на нивните држави или на соседни државички, агресивни кон Македонија, самото нивно присуство во градот, нивните поединечни врски со битолчани, нивното облекување, манирите, етикецијата во контактите, познавањето на повеќе странски јазици, баловите и сл., кај граѓаните влијаеле импозантно, така што поимотните често го имитирале нивниот стил на живеење, кој се ширел и на останатите граѓани, особено на интелегенцијата.
Битола изобилува со стара архитектура, која датира од периодот на романтизмот, неоренесансата и необарокот. Дел од монументалните објекти се заштитени со закон, како што се: Безистенот, Исак џамија, Хајдар-кади џамија, Саат кула, Офицерски дом, Католичка црква, Ректорат, Црквите Св. Димитрија, Св. Недела и Св. Богородица, поранешната Отоманска Банка, итн.


Во почетокот на XIX век (1835 година) Битола станува центар на Румелискиот вилает. Тоа е период кога за бројниот воено-административен апарат се градат воени и стопански објекти како црвената и белата касарна, военото училиште кое подоцна прераснува во воена академија. Тука се школува во 1898 година, познатиот турски државник, првиот турски претседател и татко на современа Турција, Кемал Ататурк.

За време на Илинденското востание Битолскиот револуционерен округ беше главно потприште на бурните настани на Илинденската епопеја. Во 1908 год. Битола е повторно главно упориште на револуционерните настани на Младотурската револуција.
Во текот на Балканските војни (1912 – 1913 год.) Битола беше главно турско упориште. По поразот на Турците и нивното протерување, Македонија е поделена помеѓу Србија, Бугарија и Грција, што претставува најтрагичниот момент во историјата на македонскиот народ и за градот Битола кој се најде во составот на Српското кралство.

За Битола и битолско и за нивниот општествено-економски развој, катастрофално значење ќе има вештачко поставената граница меѓу Србија и Грција. Ова предизвикало Битола да го загуби значењето на средишен економски, културен и политички центар што, реално, за време на османлиското владеење, го имала.
Влошувањето на меѓународната положба и избувнувањето на Првата светска војна придонело Бугарија како членка на Централните сили, да ја нападне Србија и да навлезе во Македонија, а потоа на 21.11.1915 год. бугарските војски влегле во Битола. Српските силе биле протерани, а бугарската окупација останала се до есента 1916 год.
Есента 1916 год. сојузничките сили (Англија, Италија, Русија во координација со српските сили) навлегле во Битола, се изврши реокупација на градот. Војските на Антантата го зазедоа градот Битола, со околијата, војските на Централните сили, откако ја загубиле Битола беа принудени да се повлечат по западните и северните висови на Баба планина – Пелистер. На овие терени и ден денес има остатоци од направени скривници, ровови, сместувалишта за офицерскиот кадар итн. Силите на Антантата ја освоиле Битола, Битола се најде помеѓу две непријателски војски.

Тогаш Битола ги доживува најстрашните урнувања од жестоките бомбардирања, која ја претворија во урнатини со многу човечки жртви и страдања (документирани во филмските ленти на првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки). Поради страдањата што ги претрпел, градот Битола бил прогласен за Град херој. Ова признание му е доделено од маршалот Франш д‟Епере на 15.09.1923 год.

Битола во периодот помеѓу двете светски војни била во состав на Кралството Југославија. Народот повторно останал национално обесправен, економски грубо експлоатиран и подложен на асимилација и дискриминација. По капитулацијата на југославенската војска во априлската војна (1941 год.) Битола се најде под фашистичка окупација.
Српската окупација е заменета со германско- бугарската окупација. Само три дена по фашистичката окупација на Битола и Битолско, односно на својата седница од 11.04.1941 год., Месниот комитет на КПЈ за Битола, под раководство на Стеван Наумов-Стив, одлучил да започнат подготовките за националното ослободување.
Во април 1942 год. паднале и првите жртви во оружената борба против фашистичките окупатори. Во март 1943 год., фашистичкиот окупатор депортира над 3.000 битолски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска од каде ни еден не се вратил.
На 04.11.1944 год. градот Битола е ослободен, битолчани тоа утро воодушевено ги пречекаа своите ослободители – Седмата битолска бригада и Леринско-костурската бригада. По завршувањето на војната, беше основана Македонска држава за прв пат во историјата, во склоп на Југославија.
Во 1945 год. во Битола е отворена гимназија “Јосип Броз – Тито“ каде за прв пат се употребил Македонскиот јазик.

Од 1991 год. по осамостојувањето на Македонија како независна и суверена држава, за Битола значеше почеток на нова етапа од нејзиниот развој. Градот го врати својот сјај, доби одлики на еден современ европски град, со многубројни конзуларни преставништва и стана регионален центар на поширокото подрачје во многу аспекти на општественото живеење.
Текстот е преземен од веб страната на Општина Битола
Фотографии: Битола.инфо