БИТОЛСКАТА ЧАРШИЈА – КРАТОК ОСВРТ ВРЗ ИЗГЛЕДОТ НА БИТОЛСКАТА ЧАРШИЈА – МИЛОШ Хр. КОНСТАНТИНОВ

Панорама на Битола направена од минарето на Хајдар Кади џамијата, во 1915 година. Во преден план е Дрвен Пазар (подоцна наречен Овчки Пазар) а подалеку Сунгур Чауш џамијата која денес не постои, Исак Јени џамијата и Саат кулата. Разгледницата е издадена и печатена во: Printing House- Boushinov

Во периодот кота занаечиството во градот беше најразвиено, суштествуваа голем број определени пазаришта, на коишто се разменуваа разновидните стоки и суровини. Од сите нив попознат беше „Ат Пазар” што и сега се наоѓа на своето поранешно место. Исто така прочуено пазариште беше и „Овчи Пазар”. Овој се наоѓаше на местото, каде што денес се изградени повеќекатните згради во коишто живеат бегалците од Егејска Македонија. И големиот „Житни Пазар” се наоѓа на местото каде што некогаш беше. На него се продаваа сите видови на житни култури. Прочуен беше и коларскиот пазар на кого се продаваа дрвените селски коли и двоколки. Тој се наоѓаше во близината на местото викано „Ушици”. Пространиот „Мас Пазар”, на кого се продаваа разновидни млечни производи, беше во месноста каде што денес се наоѓа големото општо градско пазариште.

Житни Пазар мај 1905 испратена во Анверс, Белгија, 7 март 1907 год. Житни Пазар постоеше сé до 1973 година кога на тоа место беше изградена Стоковната куќа на Т.П.„Јавор”.
Житни Пазар мај 1905 испратена во Анверс, Белгија, 7 март 1907 год. Житни Пазар постоеше сé до 1973 година кога на тоа место беше изградена Стоковната куќа на Т.П.„Јавор”.

Покрај овие, во Битола постоеше и „Јемиш Пазар” што беше зад денешната зграда на Околискиот државен архив. Истиот беше познат и под името „Кантар”. Во близината беа собрани и кондураџиите. Подолу, по течението на Драгор е Рибарницата, на „Ленски Мост”, а во близината беше „Тус Пазар” и други.
Во близината на Саат кулата беше „Пекмез Пазар”, нешто погоре „Дрвен Пазар”, во долната чаршија „Граф Пазар”, „Млечни Пазар” и спомнатиот „Житни Пазар”. Освен овие дел од „Мас Пазар”, беше познат под името „Кај Гајдаџиите”. Друг дел од истиот пазар беше познат под името „Кај Кожуварите”. Во близината на спомнатиот пазар едно катче од чаршијата се викаше „Кај Собаџиите”, а веднаш до нив беше и чаршијата „Кај Куменџиите”. Тука во пазарни дни се вртеа како брдарите така и ситарите.

Дрвен Пазар на разгледница од 1904 година. Во заднината се гледаат Сунгур чауш бегова џамија, Исак џамија и Саат кулата. Истата е испратена во Солун во истата година
Дрвен Пазар на разгледница од 1904 година. Во заднината се гледаат Сунгур чауш бегова џамија, Исак џамија и Саат кулата. Истата е испратена во Солун во истата година

Дел од чаршијата познат под името „Кај Мутафчиите” беше во близината на некогашниот „Пипер Ан”. Телалските дуќани се наоѓаа зад денешната Судска зграда. Зарзаватчиите беа во Еврејската Чаршија и покрај Драгар од црквата „Св. Богородица” па нагоре. Касапите што се наоѓаа до мостот „Кај Мушон” се викаа горни касапи а оттаму надолу долни касапи. Сарафите беа зад Еврејската чаршија. Делот познат под името „Кај Сарачите” или „Кај Опинчарите” се наоѓаше под сарафите. Меѓу овие се наоѓаше месноста „Кај Јорганџиите”. Под долни касапи беше делот „Кај Рогузинарите”. Зад „Пекмез Пазар” беше чаршијата „Кај Казанџиите”, а подолу прочуената „Влашка Чаршија” во која се продаваа веленца, јамболии и разни делови од облекло што го шиеја терзиите од таа чаршија.

На Ленски Мост. Разгледница издадена 1915 г
На Ленски Мост. Разгледница издадена 1915 г

Во близината на „Ленски Мост” беа стомнарите, до нив леарите а нешто подолу од нив јажарите. Во овој дел се ноаѓаа и клинчарите, ковачите и еден поголем број од налбатите. Други попознати делови од чаршијата беа „Кај Ралата”, „Сара—Бакали”, „Кај Волнарите” и Безистенот.

Пазарен ден во Битола. „Битола за време на Балканските војни“
Пазарен ден во Битола. „Битола за време на Балканските војни“

Имињата на досега спомнатите пазари се појавија во поново време. Истите во средината на 18. век носеа во целост турски имиња. Самиот овој факт зборува за големото навлегување, во животот на чајшијата, на Македонците. Од старите турски имиња на пазарите подолго се сочуваа само на „Јемиш Пазар”, „Пекмез Пазар” и „Ат Пазар”. Сите други како на пример Фасуљ, Кепен. А’ср, Солан, Балак, Туз, Ја, Таук, Тереке, Чира, Којун и Араба пазар, беа сменати со Граф Пазар, Ленски Пазар, Кај Рогузинарите, Кај Кромидот, Рибарница, Кај Солта, Мас Пазар, Кај Кокошките, Житни Пазар, Кај Борината, Овчи Пазар и Коларски Пазар.

5 декември 1915 година. Дрвен Пазар на разгледница издадена од Kriegshilfe од Минхен.
5 декември 1915 година. Дрвен Пазар на разгледница издадена од Kriegshilfe од Минхен.

Според тоа во градот суштествуваа околу 30 определени делови во кои беа собрани некои занаети или пак се вршеше продажба на разновидна стока или суровини. Чисто занаетчиски делови во чаршијата, коишто исто така треба да се одбележат, беа местата познати под името „Кај Чешларите”, „Кај Наланџиите”, „Кај Папуџиите”, „Кај Бојаџиите” и „Кај Амбереџиите”. Освен овие, одделни делови се означуваа и према Саат—кулата или бројните џамии, поправо нивните имиња и на крај по мостовите или поголемиот број култни места какви беа растурени низ градот на повеќе места, како на пример гробот на денешната ул. „Цар Самуил”, „Будај Бунари”, „Кајгас’с” и слично.
Изгледот на занаетчиските дуќани во периодот пред големиот пожар во првата половина на 19. век. беше вонредно лош. Истите беа дотраени, несолидно и неестетски градени претежно од дрвен материјал. Тие без исклучок беа мали објекти.

Панорама на Битола направена од минарето на Хајдар Кади џамијата, во 1915 година. Во преден план е Дрвен Пазар (подоцна наречен Овчки Пазар) а подалеку Сунгур Чауш џамијата која денес не постои, Исак Јени џамијата и Саат кулата. Разгледницата е издадена и печатена во: Printing House- Boushinov
Панорама на Битола направена од минарето на Хајдар Кади џамијата, во 1915 година. Во преден план е Дрвен Пазар (подоцна наречен Овчки Пазар) а подалеку Сунгур Чауш џамијата која денес не постои, Исак Јени џамијата и Саат кулата. Разгледницата е издадена и печатена во: Printing House- Boushinov

За разлика од овие подобри беа само еден мал број занаетчиски дукани. Меѓутоа, во втората половина на 19. век во чаршијата започнаа да се градат цврсти „мази” то ест дуќани што беа ѕидани со тули и вар. Но со оглед на тоа што стаклото беше не само скапо ами и ретко внесувано во поголеми димензии, поголем број на занаетчиските дуќани во своите предни делови беше речиси наполно отворен. За ова придонесуваше и самата клима. Тие делови беа затворувани со дрвени кепенци што дури кон крајот на 19, век започнаа да се затворуваат со метални капаци или ролетни.
Ретко кој занаетчиски дуќан имаше одделни простории за работа. Тоа значи дека мајсторите заедно со помошниците работеа во една просторија во која се изведуваа сите деловни потфати па и самото продавање на стоката.