(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
Заедничката комисија на Битолски весник и СОФК-а во 1967 година изврши два избора. Едниот во јануари 1967 г, кога се избраа најдобрите спортисти за 1966, и вториот во декември истата година. За спортист на годината 1966 година беше прогласена гимнастичарката Марија Страчкова, а спортист на Битола за 1967 година стана падобранецот Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Ѓуц и тоа убедливо со 10.361 гласа од читателите на Битолски весник.
Ранг-листа на најдобрите спортисти за 1966 година:
1. Марија Страчкова (гимнастика)
Марија Страчкова активна членка на ДТВ „Партизан”, во годината што измина беше една од најдобрите гимнастичарки на Битола, но стана и републички првак во својата категорија. При одлуката да биде прогласена за најдобар спортист на Битола немаше дилеми ниту кај читателите на Битолски весник, ниту кај комисијата што беше составена од претставници на Битолски весник и СОФК-а.
2. Петар Стојчев (ракомет)
Корпулентниот ракометар Петар Стојчев беше нерешлива загатка за одбраните иа противничките скипи. Додуша околу него имаше и други и високи и снажни ракометари, но тој беше незадржлив и значеше многу за својата екипа.
З.Лазар Бојаџиев (падобранство)

Лазар Бојаџиев веќе неколку сезони со ред беше меѓу јунаците на небесните синила. Значеше за вреден падобранец и другар. Беше вистински вљубеник во синилата на небото, а на ранг- листата на најдобрите за 1966 се најде откако го освои првото место на државното првенство во падобранство.
4. Илија Ѓорѓиевски (бокс)
Неколку години со ред Илија Ѓеорѓиевски беше меѓу најдобрите млади боксери во Битола и Републиката. Блесна во 1966 година кога стана младински првак на Југославија. Успешно ги бранеше боите и на својот матичен клуб БК „Работник“ кога редеше победи во дуелите и со многу попознати и поискусни боксери од него.

5.Томе Петковски (пинг-понг)
Битолската пингпонгарска екипа не можеше да се замисли без стандардниот првотимец Томе Петковски. Беше во зенитот на својата слава и во сите дуели изненадуваше со нови мајстории. Во 1966 година ја освои и титулата републички првак во младинска конкуренција.

6.Димче Илиевски (шах)
Шахистот Димче Илиевски во 1966 година стана вице-шампион и како еден од најдобрите шахисти во Македонија учествуваше во полуфиналните борби на шаховското првенство на Југославија.
7.Павлина Мијакова (пинг-понг)
Тоа што Томе Петковски беше во машка, тоа Павлина Мијаковска беше во женска конкурешија во пингпонгот во Битола. Павлина, исто така, беше најдобра во Македонија и учествуваше на сојузното првенство во Зрењанин.
8. Лазе Баевски (ракомет)
Уште кога се појави на ракометниот терен, добрите познавачи на оваа игра рекоа дека станува збор за исклучителен ракометен талент. По неочекуваните, но корисни потези за екипата, Лазе секогаш беше наградуван со аплаузи од публиката.
9.Киро Мирчевски (фудбал)
На ранг-листата на најдобрите спортисти за 1966 година, фудбалерот Киро Мирчевски се најде откако ја доби специјалната награда од Битолскиот фудбалски потсојуз како еден од најдобрите фудбалери во Општината Битола.
10.Кузман Лоловски ( падобранство)
Како Лазар Бојаџиев, така и Кузман Лоловски спаѓаше во редот на храбрите но и најдобрите падобранци. Лоловски освои прво место на сојузниот натпревар и се вброи меѓу бестрашните вљубеници во синилата на небото.
На пригодната свеченост, признанијата и наградите на најдобрите спортисти им ги врачи претседателот на СОФК-а, Доде Христовски.