Мезе и мезеџии во Старата битолска чаршија во 19 век

Мезе - црева, дробови и други внатрешни органи од јагне, ситно сецкани, испечени и ставени во леб

Покрај популарните ахчилници, кои како народни кујни во најголем број биле лоцирани на Пекмез Пазар, низ Битола во минатото имало и патувачки кујни наречени според продавачите-мезеџии.
Конзументи биле посиромашни слоеви од населението, главно, амали, чираци, калфи и др., чиј работен ден почнувал во раните утрински, а завршувал во доцните вечерни часови. На последните ретко кога им бил доставуван ручек за време пладневниот одмор кој траел од 12-16 часот, како на мајсторите, а не биле во можност да посетат ахчилница или гостилница, ниту да си го подготват ручекот сами, како што правеле дел од мајсторите, најмногу касапите, па мезеџиите им станале најприфатливо решение.

Половина сомун леб, што се купувал во блиската фурна или од самиот мезеџија, натопен со многу софт во кого биле употребени многу мирудии, посебно буковска пипер, парче чкембе, кукурец, ширден или суџук, чија големина била во сооднос со наплатата, бил главниот оброк.
Бидејќи мезето се јадело од нога и било достапно за секого заради умерената цена, слободно може да се третира и за најрана битолска брза храна што му е блиска на денешниот хамбургер.

Прочитајте повеќе: Најдоброто мезе од Битола и султанот Мехмед V Решат – анегдоти од Битола…

Стара битолска чаршија - крај на 19 почеток на 20 век
Стара битолска чаршија – крај на 19 почеток на 20 век

Мезето се правело од најевтините внатрешни делови од закланиот крупен и ситнен добиток, односно од органите кои во некои земји денес се фрлаат. Се користеле најмногу црева, шкембиња, бел и црн дроб, бели и други бубрези и др. Иако имало и специјализирани продавници низ градот, од каде за многу евтини пари се снабдувала градската сиромаштија, главниот снабдувач на мезеџиите била Кланицата, зашто цената таму била речиси симболична.
Подготовката била домашна, што ќе рече, нехигиенска.
Многупати пред домашното му предходело уште едно, драгорско чистење. Го правел мезеџијата. Со засукани пантолони и бос, слегувал во реката покрај Кланицата, која тука немала брегови и набрзина се обидувал да ги острани изметот и крвта, односно да си ја олесни или да ја заврши домашната задача. Во водата по неговото заминување останувале бројни остатоци, најмногу црева, кои прикачени за камењата, се виеле како змии. Совесните и одговорните правеле уште едно, темелно, домашно чистење. Во него биле вклучени и членови од потесното семејство, најмногу сопругата или некое од постарите деца, кои помагале и при плетењето и финализацијата.

Дрвен пазар крај на 19 век
Дрвен пазар крај на 19 век

Подготвениот материјал се носел во грне од вечер во најблиската, маалска фурна. Цела ноќ, како и други јадења што барале бавно и тивко крчкање, се подготвувало и мезето. Секогаш се нудело топло, зашто само топлото било вкусно и не се лепело на непцата. За да се постигне тоа, бакарниот калајлисан сад во кого се наоѓало, стоел над прилагоден мангал со постојан жар. За пренос на двоецов се употребувал кожен ремен кој се префрлал преку рамењата на мезеџијата.
Ленски мост било најпознатото стојалиште.
Наредени еден покрај друг од обете страни, продавачите го привлекувале вниманието со метални удари и со гласна покана:
“Мезе, мезе, пресно мезе!”.
Надразнителната и пријатна арома што се ширела, исто така, била своевидна покана и реклама.
Друго место за продавање бил аголот меѓу Прилепското Џаде и Ат-Пазарот (денес продавници за авто-делови). Овде се хранела генимаалската сиромаштија, продавачите и купувачите од Ат-Пазарот, како и прилепските пазарџии. Последниве изморени и гладни од долгиот пат пред да се сместат во “Прилепскиот ан”, првото закрепнување го имале тука.
Алтернативи на Ленски мост и Прилепското Џаде биле Овчи Пазар и чаршијата. Тие биле последниот обид заостанатото мезе да се допродаде.
Ваквото продавање храна по улиците во Османската Империја, инаку, била обична појава, се среќава уште во 16 век. Францускиот вицеконзул Белег де Буга(1856) год. информира за таквата битолска навика . Прво име на мезеџија, кое се споменува во втората половина на 19 век е Јован Коње. Покрај мајстор и продавач на популарното јадење, повремено бил ангажиран и во противпожарната чета што ја организирала Осигурителната компанија “Унион” . Во крајот на 19 век вакви продавачи ги имало десетина.
Градската меморија запаметила уште неколку имиња, но тие им припаѓаат на 20 век. Меѓу другите е и Дано Мац-Мац. Прекарот му се прикачил заради суријата мачки што го следеле привлечени од миризбата . Корпулетниот и духовит Наполеон, по националност Србин, е следниот . Мезето го рекламирал оргинално. Извикувал: “Изволите, изволите, молим, шкембиÊи, кукурец, долма. У име Срба и Грка, ко има-крка, ко нема-нек дрема!” .
Генимаалско семејство што егзистирало некогаш од овој занает сеуште го носи името Мезаровци. Мајстори и продавачи биле браќата Вангел и Ицо, но им помагале и децата, посебно синот на едниот, Благој. Од 1945 до 1950 год. имале ахчилница спроти Ат-Пазарот, во која се снабдувале најмногу аргатите пред да појдат за Градско Поле, но и откако ќе се вратат. Кога ја напуштиле ахчилницата, мезето го продавале на Ленски мост .
Како последни битолски мезеџии се спомнуваат Пуљката и Миле Татаро. Обајцата имале глас на добри мајстори. Првиот вообичајувал да го најавува своето присуство, викајќи “Пуљ, пуљ”, со што го добил и прекарот, вториот потекнувал од познатото генимаалско семејство Татаровци.
Како градски колор мезеџиите ќе опстојат до 60-те години од 20 век, кога засекогаш ќе заминат во историјата. Ги нема повеќе, но оставиле траги во спомените, но и во прекарот на битолчани-“шкембари” .

Житен пазар Битола, почеток на 20 век
Житен пазар Битола, почеток на 20 век

Текстот е извадок од книгата „Реката Драгор“, автор Александар Стерjовски, издавач: НУУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ – Анегдоти поврзани со Реката Драгор, Битола 2009 година

Фотографии – „Битола низ стари разгледници“ Автор: Димче Најдов, ISBN 978-608-4754-01-5