
(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
Девојката со јуначко срце, Митра Секирковска, стана спортист на Битола за 1970 година, откако зад себе навистина оствари добри резултати.
Co инсталирањето на Изборот на десетте најдобри спортисти како редовна манифестација која долго време се одржува по секоја завршена календарска година, по обичај на почетокот или најдоцна до крајот на февруари следната година, Битола доби манифестација која ги анимираше спортистите, но и пошироката јавност. Потрагата по резултати на сојузен, републички или општински план секогаш беше мотивирана и со желбата секој од спортистите да се најде на ранг-листата на најдобрите во градот.
Пласманот на листата значеше афирмација, призание, но и обврска да се продолжи со успешна работа. Затоа многу често се случуваше по неколку години со ред на листата да се исти спортисти. Тука треба да се истакне дека ретко кој и кога имаше забелешки на изгледот на листите. Гласовите ги даваа граѓаните, а финалната работа ја завршуваа комисии кои беа составени од луѓе доволно упатени во спортските збиднувања.
Изборот на десетте најдобри спортисти за 1970 година се одржа во почетокот на февруари 1971 година и тоа со богата културно – уметничка програма и за прв пат во киното „Партизан”. Тоа за битолчани беше дотогаш ретко виден настан. Сега, освен спортистите, на оваа маиифестација можеа да присуствуваат и повеќе стотици граѓани на Битола. Во гала-забавната програма. покрај спортисти, продрфилираа и тогаш звучни имиња од македонската и југословенската забавна естрада: Сашка Петковска, Ацо Симоновски, Виолета Томовска, Миодраг Станојковиќ, Ѓоко Дончевски, Добрила Чабриќ, Драган Мијалковски, Александар Сариевски, Елица Ковачевска, Александар Сарев, Даниела Панчетовиќ, оркестарот „Македо” и популарните комичари Бранка Веселиновиќ и Драги Крстевски -Амфи. Забавата беше на висина, но, сепак, со нетрпение се очекуваше изборот на најдобрите спортисти што пак, според гласовите на читателите, беа избрани од комисијата на СОФК-а и редакцијата иа Битолски весник.
Присутните ги поздрави членот на комисијата и претставник на СОФК-а, тогаш мошне познатиот спортски работиик Илија Упалевски, кој и дотогаш речиси редовно учествуваше во изборот на десетте најдобри спортисти на Битола.
За спортист на годината ( 1970 г.) беше избрана Митра Секирковска, државна рекордерка во падобранство.
Ранг- листа на најдобрите за 1970 г.
1. Митра Секирковска -падобранство
2. Вера Велјановска – атлетика
3. Лазе Баевски – ракомет
4. Вилијамс Христовски – стрелаштво
5. Љупчо Спировски – скијање
6. Томе Димитровски – фудбал
7. Димче Петковски – пинг-понг
8. Снежана Јовановска – шах
9. Ѓорѓи Митревски – фудбал
10. Диме Неделковски – кошарка

Лазе Баевски

