(Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
За најдобар спортист за 1969 во 1970 година беше прогласен Никола Богоевски, познат во Битола како сестран спортист гимнастичар, атлетичар, а најдолго време мина со фудбалската топка.
1970 година беше година на јубилеи.
Се славеше 50 годишнината на Фудбалскиот сојуз на Југославија и 25 годишнината на спортот во Битола. По тој повод, на 21 јануари во КУД „Стив Наумов”, се одржа голема свеченост на која, исто така беа избрани и десетте најдобри спортисти на Битола за 1969 година.
Читателите на Битолски весник и комисијата, составена од спортски работници и новинари, титулата најдобар спортист му доделија на Никола Богоевски, атлетичар и младински државен првак во партизански повеќебој.
Ранг-листа на најдобрите за 1969 г.
1.Никола Богоевски – повеќебој
2.Ристо Бимбиловски – маратонско пливање
З.Љупчо Спировски -скијање
4.Митра Секирковска – падобранство
5.Боне Трајковски -ракомет
6.Александар Марковски – гимнастика
7.Спаса Костадинова -стрелаштво
8.Милка Гемтова – скијање
9.Лазар Бојаџиев – падобранство
10.Страшо Павловски – кошарка
Ha свеченоста, за 25 – годишниот развој на физичката култура во Битола, зборуваше претседателот на СОФК-а, Васил Гулевски, а за 50 – годишнината на ФСЈ, Јорго Хаџистерју, член на ФСЈ и ФСМ.
Признанија и награди им беа доделени на педесетина заслужни спортски работници и општински организации. Исто така, по повод златниот јубилеј на ФСЈ на 45 фудбалски работници, клубови и организации од Охрид, Струга, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Битола им беа доделени спомен – плакети, спомен дипломи и пофалници. Златни спомен – плакети на ФСЈ добија Ѓорѓи Оџаклиевиќ од Битола, ФК „Пелистер” и Битолското фудбалско подрачје, а сребрени плакети им беа доделени на Никола Димитровски, Михајло Спасевски и Антон Хаџи Антоновски и на клубовите ФК „Металец” и ФК „Битола”. Посебен интерес предизвика изборот на најдобрите спортисти што го организираа Битолски весник и СОФК-а. Во анкетата учествуваа над 2 илјади читатели.