Сместена во центарот на градот, Саат кулата е најпрепознатливото обележје на Битола. Се претпоставува дека била изградена истовремено со црквата Св. Димитриј, односно некаде околу 1830 година. Тоа бил период кога во Битола биле преземени големи градежни зафати, кои подоцна градот го трансформирале во центар на Европска Турција.

Иако денес сите ја знаат Саат кулата, често минуваат крај неа, малку луѓе знаат за рељефниот симбол кој се наоѓа на еден камен на југо-источниот раб, т.е. на страната на патеката која води кон Широк Сокак. Се работи за рељеф на кој е прикажана борба помеѓу орел и змија.

Lokacija na reljef na saat kula

Приближна локација на рељефот на Саат кулата

Орелот е голема и силна птица, со закривен клун и исклучително добар вид. Летајќи високо на небото, орлите јасно можат да ги видат работите на земјата. Орелот е симбол за јасно гледање и разбирање на нештата, за храброст, сила и бесмртност. Исто така се смета за “крал на небото” и гласник на боговите. Овие особини го направиле орелот симбол на моќ во античкиот Рим, старите Грци го поврзувале со богот Зевс, германските племиња со Один, а во раното христијанство се сметал за симбол на надеж, сила, спас и се поврзувал со Исус Христос. Денес како симбол орелот може да се сретни на знамињата и грбовите на многу земји.

Змијата е универзален и комплексен симбол и може да претставува смрт, уништување, зло, отров, но исто така и исцелување и/или преродба. Во христијанската традиција, Сатаната во облик на змија ги измамил Адам и Ева да пробаат од јаболкото во Рајската градина. Така змијата може да претставува искушение, сатана и измама. Сепак често змијата се поврзува и позитивна симболика како на пример змиите околу стапот на Асклепиј како симбол на медицината и заздравувањето, односно змијата може да симболизира исцелување и/или преродба (менување на нејзината кожа).
Доколку се земе во предвид периодот кога е градена Саат кулата и фактот дека ваквите претстави не се дозволени во исламот, може да претпоставиме дека знакот е поставен од градителите на Саат кулата кои најверојатно биле од христијанска вероисповед. Иако не е познато кои биле тие, факт е дека во тој период многу од поважните објекти биле градени од мајстори кои биле од христијанска вероисповед. Големата Црвена Касарна била градена според проектот на архитектот Стојан Везенков, а воедно и Џепането, кое гледано од далеку има облик на крст, било градено од Смилевски мајстори.

orel-zmija-saat-kula sl 2

Орел кој се бори со змија претставуваат две страни на конфликт. И двете се јаки и немилордни животни, но најчесто орелот се гледа како благородната страна и како контраст на змијата која најчесто е претставена како лоша. Најчесто во оваа битка, на крај орелот, т.е добрата страна победува.

Денес не се знае точно кога е изградена Саат кулата и кои биле мајсторите. Дали Турските власти знаеле рељефот и за неговото значење, дали тој бил печат на градителите или пак порака која сакале да ја пренесат, се теми за размислување исто така интересни како легендата за 60.000 јајца употребени при изградбата на објектот.

Прочитајте повеќе:

Саат кула Битола