Текстот е извадок од книгата: „Манаќи и Битола“ од Димитар Димитровски – Такец, декември 1975 г
Фотографии: НУ Завод и музеј Битола и Авто е етно музеј „Филип“ село Крклино
…
Во секој случај, периодот на консулите, како временски интервал на раздвиженост, мошне зајакната трговија и натрупување на богатства, што се мереле со товари злато, мошне влијаел на целокупниот живот на тогашна Битола.
И денес може да се чуе една анегдота во таа смисла. Во 1899 година, на воената управа и цивилната администрација не им пристигнале на време платите. Тогаш властите го повикале најбогатиот трговец во градот, Инономо, да им позајми пари.
Злато им дал злато му вратиле.
Зборот е, дена имало толку силни богаташи, кои можеле да ја кредитираат дури војската. Во куќата на Икономо бил сместен австрискиот конзулат, па оттука извесен заклучок. Дали на Икономо, кој имал уште неколку куќи во Виена и поголем влог во Лондонската банка, турските воени кругови му „враќале” само пари, или и нешто друго, од значај за консулите.
Битола од тоа време често се споменува како град со пет стотини пиана, со последна мода „а ла франга”, град во кој „само се јадело, пиело и пеело”.
Впрочем, за Битола се испеани околу три стотини народни песни.
Изгледа дека Битола е најопеаниот град на Балканот. Опеани се сите поважни настани од поблиската историја, сите убавини и невољи на народот, сите еснафи и занаети, сите јунаци и дури непријатели…
Само, да не заборавиме, Битола во исто време имала и своја периферија и сиромаштија. Битола, покрај сите богатства го имала и својот пролетаријат.
Била истовремено град со „најмногу питачи и сакати”.
Град на контрасти.
Избегнувајќи ги зулумите на разни аги и бегови, македонското население од селата тивко се приближувало кон градот. Ги населувало нивјето, ледините и пустелиите на источната периферија, на северниот доминантен рид над градот — Баир. Во услови на градска засолнетост, со набрзина изградено куќарче, најчесто од плитари, имало многучлени семејства со по десетина души, што живееле во просторија од по неколну квадрати.
Да, тоа била Битола, со блесок и сјај, со пет стотини пиана и сиромаштија. Тоа била Битола, кога чашата боза, или салеп, се продавала по десет пари, а оката шеќер за еден грош.
Таква била Битола, на почетокот на овој век, кога Манаќи отвораат свој фотографски дуќан кај Камен Мост, полна со ликови и настани како „измислени” за објективот на инвентивниот Милтон.