Извадок од делото „Историја на Битолскиот вилает“ од Мехмед Тевфик
Во 1234 година според Хиџра (31 октомври 1818 – 19 октомври 1819 година) арнаутските бегови Арслан-бег и Вели-бег под изговор да им се плати за покажаната извонредна верност и ревносна служба во една битка против грчките востаници на Мореа, секој со своја голема придружба дошле во Битола и се сместиле во хановите и дуќаните.
Иако тогаш големиот везир Решид Мехмед-паша кој во тоа време се наоѓал во Битола, со цел да воспостави ред и да го обезбеди јавниот мир, со сите сили настојувал да ги смири овие Арнаути, не успеал во тоа. Поради тоа бил принуден да прибегне кон лукавство и кон вонредни мерки и тоа на следниов начин:
Тој со еден од овие арнаутски бегови, Арслан-бег, се побратимил, а другиот и помладиот Вели-бег го прогласил за свој посинок и по тој повод и двајцата ги поканил кај себе во конакот, кој тогаш бил сместен во сегашната зграда на Учителската школа, чиј објект само што бил завршен. Со цел да ја добие нивната доверба и да ги убеди во својата искреност, тој дури не ја криел ниту својата жена од нив и ја претставил пред нив двајцата. Освен тоа тој приредил ручек на кој била присутна и неговата жена.
За време на вечерниот разговор тој ветил и гарантирал дека бараните плати на војниците на Арслан-бег и Вели-бег ќе им бидат исплатени другиот ден после гозбата, која ќе била приредена на излетничкото место наречено Долеџик, оддалечено половина час западно од Битола. Од друга страна, пак, споменатиот голем везир заедно со својот командант тајно им подготвувал замка.
Утредента рано наутро Арслан-бег и Вели-бег, имајќи полна доверба во даденото ветување, во придружба со своите луѓе излегле од својот конак и откако го поминале Драгор преку мостот наречен Кара Ќопру и местото Пред Ановите, пеејќи песни се упатиле кон Долеџик.
По наредба на споменатиот голем везир била поставена заседа кај ѕидот на градината зад воденицата над излетничкото место наречено Пред Ановите. Од испуканите истрели биле убиени Арслан-бег и Вели-бег и уште многумина од нивната придружба, а останатите побегнале кон ридот кој се наоѓал на другата страна од Драгор. На тој начин му бил ставен крај на овој настан. Гробовите на Арслан-бег и Вели-бег постоеја до неодамна, но водата на Драгор ги однесе.
Мехмед Тевфик (1864-1940) бил роден во Битола во 1864 година. Во 1883 година го завршил Артилериското воено училиште во Истанбул, а во 1887 година бил назначен за учител по историја во Воената гимназија во Битола, а подоцна и директор. Во оваа гимназија тој му бил учител и на Мустафа Кемал Ататурк.
Напишал повеќе историски книги, меѓу кои и „Историја на Битолскиот вилает“, објавена во 1911 година во Битола, по повод посетата на султанот Мехмед V Решат.