„Спитаље“ – Општинска болница „Евангелизмос” („Благовештение”) – Битола во минатото

Home Интересно „Спитаље“ - Општинска болница „Евангелизмос" („Благовештение") - Битола во минатото
  • Извадок од книгата: Санитетот во Македонија за време на Балканските војни и Првата светска војна / Петар Бојаџиевски, Рената Бојаџиевска-Цветковска; ISBN 978-9989-57-779-6
  • Фотографии: http://www.culture.gouv.fr

Општинската болница „Евангелизмос” („Благовештение”) или „спитаљето”, како што била популарно нарекувана, била најстарата цивилна болница во Битола, а веројатно и во Македонија, која била наменета за лекување на христијанското население во градот и околината.

Болницата се наоѓала на местото на сегашниот училишен центар за насочено образование „Таки Даскало”.

И покрај тоа што сеуште не знаеме кога е точно изградена оваа болница, денес со сигурност можеме да тврдиме дека таа функционирала во втората половина на XVIII век.

„Спитаљето” во почетокот била многу малечка зградичка во која се сместувало и лекувало сиромашното граѓанство на Битола, на истото место на кое подоцна била изградена голема и модерна болница со средства од доброволните прилози на поединци и на граѓанството.

За нејзиното понатамошно издржување се грижела Патријаршиската општина, односно црквата „Св. Димитрија”.

Во почетокот таа била еден вид на диспанзер, амбуланта во која се лекувале сиромасите, а во исто време претставувала азилска установа за сместување на стари, изнемоштени и болни граѓани. Подоцна била проширена и функционирала како вистинска болница. За нејзиното проширување и опремување во текот на 1848 година, најголем придонес дал богатиот битолски трговец Адам Никаруша кој на болницата и го подарил својот плац со зградата која се наоѓала на него, во непосредна близина на првобитната болница.

„Спитаље“ - Општинска болница „Евангелизмос" („Благовештение")

Вака проширената болница финансиски била издржувана од црквата, од доброволните прилози и завештанијата на граѓаните, како и од приходите на болничкиот имот, зашто лекувањето во неа било бесплатно за членовите на патријаршиската општина.
Лекувањето на пациентите во болницата се одвивало под контрола на факултетски образовани лекари. Бидејќи лекувањето во неа било бесплатно или со минимален надомест, болницата секогаш била полна со пациенти или изнемоштени стари лица, заради што набргу се јавила потреба од нејзиното проширување и зголемување.

Во 1896 година се пристапило кон реализација на потребата која се чувствувала повеќе години и на местото на старата била изградена нова болничка зграда, која по својата функционалност и опрема ги задоволувала сите тогаш важечки здравствени критериуми.

Новата болница, која според некои претпоставки била довршена во 1901 година, била многу солидна зграда со приземје и два ката.

Во приземјето била сместена кујната, трпезаријата и магазинскиот простор, а на катовите модерно опремена операциона сала, со посебна просторија за превивање и мали хируршки интервенции, аптека, лекарски канцеларии и друго.

На вториот кат се наоѓале 12 до 14 болнички соби. Во пространото двориште биле засадени повеќе дрвја, а пред самата зграда убава градина со водоскок. До убавиот главен влез со мермерни столбови, се наоѓала зградата на амбулантата за надворешните пациенти, а зад неа зградичката со модерна инсталација за дезинфекција на болничкиот материјал и голема фурна.

Во внатрешноста на дворот имало и мала црквичка, капела и гробишта.

Еден од гробовите служел како влез во подземниот таен тунел кој излегувал кај соседната црква „Св. Богородица”, до Митрополијата. Во склопот на болницата била и големата површина на обработливо земјиште, кое таа го користела за свои потреби.”
Најголем придонес за градењето на оваа болница дал Јован Димитриу – Пиника, кој со својот тестамент од 1896 година за подигнување на новата болница дал 3.000, а за нејзиното издржување 10.000 фунти стерлинзи, кои биле депонирани во Народната банка во Атина.

Покрај браќата Пиника големи добротвори на Битола, особено за развитокот на школството и здравството биле и битолскиот богаташ Мусикос, кој богатството го стекнал во Романија, Домника Данамбаси и многу други. Домника Данамбаси во 1894 година, со тестамент оставила турски лири на грчките училишта, на црквата и на болницата во Битола.

Делокругот на работата на општинската болница „Благовештение” бил многу различен. Таа покрај својата основна, хоспитална улога во лекувањето на заболените членови на Патријаршиската општина, била и Сиропиталиште и Старски дом, а служела и како привремен поправен дом (затвор) за жени кои се огрешиле заради кражба, но најчесто заради неисполнување на брачните обврски, слободен живот и проституирање. Тие се користеле како бесплатна работна рака во болницата.

Co болницата, како и со целокупната здравствена политика во општината, раководела посебна управа избрана од редовите на избирачите на општ собор на патријаршиската црковна општина.

Ваквата нејзина дејност и организација на работа се задржала се до предвечерието на Првата светска војна, кога за време на бомбардирањето на Битола, на 15 февруари 1917 година, во раните утрински часови, еден германско-бугарски проектил ја погодил болницата, при што се запалил и изгорел нејзиниот горен кат.”

После тоа, во преостанатите простории од приземјето и првиот кат, биле сместувани ранетите српски и француски војници, а подоцна болницата служела само за стари и изнемоштени лица, со што дефинитивно престанала нејзината повеќегодишна хоспитална дејност.

За време на своето повеќегодишно постоење болницата „Благовештение” и била подредена на званичната патријаршиска политика во градот, заради што нејзината дејност за цело време имала здравствен, социјален и политички карактер.
По Првата светска војна, повеќе пати била покренувана иницијатива од битолското граѓанство за реновирање и оспособување на разрушената болничка зграда. Меѓутоа, таа замисла не можела да биде реализирана заради слабите финансиски можности на општината.

Српската власт во градот не можела, а не се ни трудела да ја поврати изгубената задужбина на браќата Пиника од Грчката Народна банка, зошто тоа би имало одредени политички реперкусии. Исто така, таа не вложила никакви напори за да ја оспособи разрушената болница, иако за тоа не требале големи финансиски издатоци.

Св. Ѓорѓи село Олевени

0
Црквата посветена на Св. Ѓорѓи е најстара црква во село Олевени. Поставена на еден рид, оваа црква доминира над поголемиот дел од селото. Се...
Sv. Zlata Meglenska Bitola Macedonia

Св. Злата Мегленска