Стариот театар во Битола

Стар театар Битола - поглед од предна страна

Зградата на Стариот театар била започната со градба во 1897 година, кога валија во Битола бил Абдул Керим – Паша. Во негово време биле преземени неколку клучни зафати кои имале за цел разубавување на градот. Така на најубавата улица – Широк Сокак, било решено да се изгради голема зграда во која требало да биде сместена тутунската режија и ѓумрукот за вино[1]. Приходот кој би се добивал од овој објект би бил наменет за градската болница „Гураба Хаста Хане“ (Болница за сиромашни) изградена две години претходно.

На местото каде требало да се изгради новиот објект се наоѓале турски гробишта, па така на изградбата се противело турското население. Со наредба на Валијата, во текот на една ноќ турската полиција ги довела сите затвореници со задача до утрото местото да биде рамно како „тепсија” [2].

Не се знае дали некогаш профункционирал како стопанскиот објект, но изградбата завршила во 1905 година и објектот бил наменет да служи како театар и за други настани и манифестации. Претставите кои биле прикажувани многу се разликувале од денешниот поим на театарски претстави и биле под силно влијание на кабуки театарот. Биле прикажувани едночинки со малку текст, но повеќе мимос, ритам и движење [2].

Првиот професионален театарски ансамбл во објектот работел од 1910 до 1912 година, кога зградата е уништена во пожар. Сепак, тоа не го спречило одржувањето на театарските претстави кои продолжиле да се одржуваат на други локации во градот. Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градско позориште, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.
На местото на стариот изгорен објект во 1926 година е подигната нова театарска зграда и театарот до 1929 година функционира како дел на скопскиот театар, по што целосно згаснува[3].

Народниот театар на разгледница од 10 јуни 1926 година

Народниот театар на разгледница од 10 јуни 1926 година [4]
„Помагајте ја уметноста, таа е душевна храна за секој човек“

За време на Втората светска војна активно работи бугарскиот театар, прво како полупрофесионален а од 1943 година како професионален.

На 14.11.1944 година во зградата на Народниот театар во Битола била прикажана првата театарска претстава македонски јазик по ослободувањето.

Објектот бил реновиран во 1946 година и била доградена фасадата на објектот.

Народниот театар на разгледница од 1960 година

Народниот театар на разгледница од 1960 година

По својата основна концепција, објектот претставувал касичен тип на театар, чие гледалиште со своите ложи и галерија во форма на потковица е карактеристика на театарските куќи од 19 век.

Ентериер

Покрај за театарски претстави, објектот се користел и за други манифестации од културно-забавен карактер и со текот на времето се вгенздил во срцата на битолчани.
Стариот театар е срушен во 1980 година, по изградбата на објектот во кој денес се сместени Центарот за култура и Народен театар Битола.

Штафетата на младоста - 1979 година пред Стариот театар. Во позадина се гледа кран и дел од новиот објект кој се гради

Штафетата на младоста – 1979 година пред Стариот театар. Во позадина се гледа кран и дел од новиот објект кој се гради

Локацијата денес - десно од споменикот е видлив помало спомен обележје за Стариот театар

Локацијата денес – десно од Споменикот на револуцијата е видливо помало спомен обележје за Стариот театар [5]

Литература:
[1] „Битола – Калеидоскоп“, автор Александар Стерјовски, Битола 2017 г

[2] Монографија – НУ Народен театар Битола 1944-1984, автор: Иван Ивановски, Битола 1984

[3] НУ Народен театар Битола…

[4] „Битола низ стари разгледници“ автор: Димче Најдов, Битола 2014 г