Стара битолска чаршија

Bitola bazaar

Реформите кои ја зафатиле Отоманската империја од 1789 до 1866 година, за Битола биле од посебна важност. Градот станал административен центар и во средината на 19 век се почуствувал силен полет во градежништвото, кој директно влијаел и врз развојот на занаетчиството и трговијата. Во Битола имало околу 70 видови занаети, распоредени во 30 мали чаршии утврдени според видот на стока која се продавала: Пекмез пазар, Житен пазар, Ат пазар, Овчи пазар, Дрвен пазар итн.

Еврејско маало со дуќани – Битола – 1915

Bitola - Turkish neighborhood with shops, 1915

Извор: Битола низ стари разгледници – автор: Димче Најдов

Jewish bazaar, Bitola, 1915

Дрвен пазар – Битола 1915

Wood Market - Bitola 1915

Пекмез пазар 1915.

Bitola "Pekmez" Bazaar in 1915.

Во текот на 18 и 19 век, дел од „Мас пазар“ бил познат под името „Кај гајдаџиите“, а друг дел „Кај кожуварите“. Еден дел од чаршијата се нарекувал “Кај собаџиите“, а веднаш до него бил и пазарот наречен „Кај куменџиите“. Дел од чаршијата бил познат под името „Кај мутафџиите“ – во близина на некогашниот Пипер ан. Телалските дуќани се наоѓале зад денешната судска зграда. Зарзаватџиите биле зад Еврејската чаршија и покрај реката Драгор. Касапите биле лоцирани до мостот „Кај Мушон“ – горни касапи, а во продолжение биле и долните касапи. Сарафите биле сместени зад Еврејската чаршија, а до нив бил и делот наречен „Кај опаничарите“. Помеѓу нив се наоѓал делот од чаршијата „Кај јорганџиите“, а под местото каде се наоѓале „Долните касапи “ се наоѓал делот познат како „Кај рогузинарите“. Зад т.н. „Пекмез пазар“ бил делот на чаршијата наречен „Кај казанџиите“, а подолу прочуената „Влашка чаршија“ во која се продавале веленца, јамболии и разни делови од облека, сошиена од терзиите.

Во близина на Ленски мост биле стомнарите, до нив леарите, а нешто подолу јажарите. Во овој дел биле и клинчарите, ковачите и еден поголем дел налбанти. Меѓу попознатите делови на чаршијата биле и деловите наречени „Кај ралата“, „Сарабакали“, „Кај волнарите“ и Безистенот.

Наведените имиња се појавиле во XIX век, додека во средината на XVIII век овие називи биле целосно турски – Фасуљ пазар, Кешен, Аср, Солан, Балак, Туз, Таук, Тереќе, Чира, Којун и Араба пазар. Од старите називи се задржале само „Јемиш пазар“, „Пекмез пазар“ и „Ат пазар“. Овој податок укажува на зголеменото навлегување на македонското население во чаршијата. Имињата на пооделните занаети, покажува дека во градот постоеле околу 30 определени делови во кои се вршела продажба на готоваа стока или суровини. Паралелно со развиената трговија и занаетчиство, се развивала и угостителската дејност – познати се имињата на Девеани ан, Пипер ан, Ингилиз ан, Кичевски ан и др., а многу од акчилниците биле ситуирани на десниот брег на реката Драгор.

Во Битола во овој период имало повеќе од 10 пазари распоредени во целата чаршија – Житен пазар и Мас пазар на северната граница на чаршијата, Пекмез пазар кај Саат кулата, Ат пазар, Овчи пазар, Влашка чаршија, Рибен пазар, Одун пазар, Ленски пазар, Пипер пазар, Солски пазар, Емиш пазар, Женска чаршија.

Во XIX век се споменува дека многубројните пазари биле пространи, убави, некои покриени и осветлени со прозорци, други само делумно заштитени или полупокриени со рогозини поставени на дрвени столбови. Надвор од главниот пазар постоел и пазар за живина. Податоците укажуваат на постојан раст на бројот на дуќани. Така, во 1827 г. имало 70 занаети со 1400 дуќани, а веќе во 1836-1838 г. чаршијата која била распространета на двете страни од реката и поврзана со дрвен мост, ја формирале 2100-2150 дуќани, а во безистенот имало 80-86 дуќани, добро снабдени со домашна и странска стока, особено англиски производи.

До средината на 19 век бројот на дуќаните останал непроменет, а секој занает зафаќал посебен дел од чаршијата. И покрај пожарот од 1834 г. кој уништил 2000 згради, а особено оној од 1860 и 1862/63 г., кој ја зафатил чаршијата од Јени амам па се до Овчи пазар и уништил голем дел од неа, таа брзо се обновувала.

Во 1897 г. повторно од пожар изгорел целиот Житен пазар и 200 магази во негова близина. Сето тоа довело во чаршијата да почнат да се градат цврсти „магази“-дуќани градени од тула со вар. Заради скапото стакло, поголем број на дуќани во предниот дел биле целосно отворени, односно затворани само со дрвени кепенци, додекa кон крајот на XIX век се појавиле металните кепенци и ролетни. Така настанале магазите со железни ќепенци, кои заземале цели улици во чаршијата.

Дрвен пазар на разгледница од 1916

Wood Market on photo postcard from 1916 with a view to the southwest.

Дрвен Пазар – 1916 г

Wood Market with a view to the northeast - 1916

Освен објекти кои се користеле за економски цели, во пазарите постоеле и други големи објекти како џамии, амами, кафеани, фонтани и др.

Славата и раскошот на Старата чаршија во Битола полека почнуваат да бледнеат во последните години на 19 и почетокот на 20 век. Падот на Турската империја и појавата на современи и висококвалитетни индустриски стоки од Европа, го уништија рачното производство. Новоформираната граница во близина на Битола по Балканските војни, ги прекинала традиционалните врски на градот и Битола на некој начин станала периферен град во српската држава.

Поранешниот град на раскрсницата на Балканот, станал целосно затворен за трговија и комуникација со поранешните партнери од Истокот и Западот. Многу луѓе, без оглед на националната и верската припадност, почнале да одат во странство и многу занаетчии и богати луѓе го напуштиле градот.

Првата светска војна исто така имала катастрофални последици за Битола и Старата чаршија. Во период од две години 1917-18, градот бил постојано бомбардиран и во голема мера разрушен. Особено биле погодени жителите на Битола, што воедно бил и најтешкиот удар на битолската чаршија која никогаш не успеа да ја врати својата претходна слава и економска моќ.

Голем дел од пазарите ја изгубиле својата функција, многу делови од градот биле разрушени и со текот на годините Старата битолска чаршија го добила својот денешен лик.
Битола денес е горда на својата Стара Чаршија како еден од најубавите културно историски споменици. За жал, времето го направило своето и денес ретко може да се сретнат некои од старите занаети и занаетчии.

Bitola Old Bazaar

Save