Стефан „Железниот“ Ролев – еден од најсестраните македонски спортисти на сите времиња

Стефан РОЛЕВ, бил роден во селото Екшису (Врбени), Леринско, Егејски дел на Македонија и бил учесник во Илинденското востание и во ослободителните борби на македонскиот народ од поилинденскиот период.

Потоа патувал по европските земји и во САД, каде што добро се запознал со гимнастичките системи и спортот.

Во 1908 година во Лерин го основал гимнастичкото друштво “Бигленски јунак”, а набрзо во Битола го основал и раководел гимнастичкото друштво “Пелистерски јунак”.
Тој самиот, благодарение на своите извонредни физички предиспозиции, заради што бил нарекуван “Железниот Ролев”, се занимавал со низа спортови: гимнастика, акробатика, атлетика, дигање товар, пеливанство, бокс, велосипедизам, мотоциклизам и планинарство.

Во Битола уште во време на младотурскиот режим, го организирал првиот бокс-меч, организирал егзибиции на велосипеди и мотоцикли и масовни планинарски походи на Пелистер. Некои негови активности биле регистрирани со камерата на Спиро Олчев и Милтон Манаки.

Починал во Битола на 24 декември 1969 година кога имал проживеано 104 години и 131 ден. Во секој случај тој бил еден од најсестраните македонски спортисти на сите времиња и еден од најистакнатите педагози и дејци во областа на физичката култура во Битола и Македонија.

Под негово раководство членовите на “Пелистерски јунак”, кои претежно биле ученици, носеле свои клупски униформи, се занимавале со строеви вежби, со вежби на подвижни справи и со некои спортски и културно-уметнички активности. Повремено приредувале јавни настапи во Битола.

Гимнастичко друштво „Пелистерски јунак“ Битола 1909 год. сликано пред денешното О.У. Кирил и Методиј
Гимнастичко друштво „Пелистерски јунак“ Битола 1909 год. сликано пред денешното О.У. Кирил и Методиј

Извор: „Спортот во Битола низ историјата“ – изложба и каталог
Автори: Владо Темелковски – Лавчанот, Александар Литовски
НУ Завод и музеј Битола
Битола, 2010