Насловна фотографија: Панорама на Битола направена од минарето на Хајдар Кади џамијата, во 1915 година. Во преден план е Дрвен Пазар (подоцна наречен Овчи Пазар) а подалеку Сунгур Чауш џамијата која денес не постои. Во заден план се Саат кулата и џамиите Исак (десно) и Јени (лево). [1]
Првата џамија во Битола ја изградил Сунгур Чауш-беј во 1434/35 година. Заедно со Хаџи Кам (1420) џамијата во Скопје, тие биле едни од најстарите џамии на Балканот. Сместена на левиот брег на реката Драгор во близина на Овчи Пазар*, била позната и како „Ески“, „Атик“ или „Солак“ џамија. Некои историчари со неа ги поврзуваат и првите зачетоци на чаршијата, бидејќи околу биле изградени дуќани, ан и пазар.
Сунгур Чауш-беј бил еден од војсководците на султанот Мурат II, кој потекнувал од овие краеви и како млад бил земен како данок во крв. Според турскиот историчар, мајорот Мехмед Тефик (Историја на Битолскиот вилает)[2] враќајќи се од војна против Скендер-бег, на Сунгур Чауш-бег му се допаднала положбата на Битола и го замолил султанот Мурат II да му дозволи да се насели тука. Желбата му била одобрена и еден од неговите први зафати бил обновувањето од темели на џамијата, која всушност била стара црква претворена во џамија. Во негова чест џамијата била наречена Сунгур Чауш-бег џамија.
[1] Димче Најдов „Битола низ стари разгледници“
[2] Мехмед Тефик напишал повеќе историски книги, а една од нив е „Историја на Битолскиот вилает“, објавена 1911 година во Битола, по повод посетата на султанот Мехмед Решад V. Кога книгата била објавена Мехмед Тевфик бил директор на Воената гимназија во Битола.
[3] Роберт Михајловски “Градот Битола / Манаст’р по османлиското освојување во 1385”
[4] Гордана Филиповска-Лазаровска “ЕДЕН МИЛЕНИУМ БИТОЛА”