Црквата посветена на св. Димитриј во село Магарево е изградена во 1835 година. Оваа извонредна трикорабна градба е единствена по многу нешта во поширокиот регион. По своите димензии и времето на градба, црквата во голема мера е слична со црквата Св. Димитриј во Битола. Овој храм е еден вид на сведок за високото ниво на култура, кое го достигнало населението од оваа потпелистерско село во текот на 19 век, кога заедно селата Трново и Магарево имале околу 5000 жители.
Црквата и целото село биле опожарени и тешко оштетени за време на Првата светска војна, кога инвентарот заедно со вредниот иконостас биле размонтирани од страна на бугарската војска, која при повлекувањето имала неуспешен обид да ги пренесе во Бугарија. Со оглед на фактот да објектот бил тешко оштетен, било решено иконостасот да биде поставен во црквата Св. Богородица Битола, каде се наоѓа и денес.
Денес во внатрешноста на црквата не се сочувани траги од ѕидното сликарство, а постоечкиот иконостас со два реда на икони е обновен во поново време. Од старите икони сочувани се само неколку оштетени примероци.
Во близина на црквата Св. Димитриј се наоѓа црквата Св. Ѓорѓи изградена во 1871 година.