Извадок од книгата – „НАЈДОБРИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ“ од авторот Димче Миновски (Битола 2013 г, издавач – Сојуз на спортови – Битола)
За прв пат во историјата на битолскиот спорт, организиран избор на најдобрите спортисти се изврши во почетокот на февруари 1965 година. За прв најдобар спортист на Битола, за 1964 година, беше прогласен боксерот на „Работник”, Трифун Робев.
Васко Талевски и првиот нај- спортист на Битола, Трифун Робев
Првиот избор на најдобрите спортисти на Битола за 1964 година се одржа откако читателите на Битолски весник до редакцијата испратија 337 купони за гласање. Рокот за испраќање на купоните беше до 27 јануари 1965 година. Гласачките купони стигнаа на адреса на Комисијата за избор на десетте најдобри спортисти што ја сочинуваа: Гордана Јовановиќ, просресор, Мице Миленковски, претставник на СОФК-а, Миле Божиновски, студент, и Спиро Мачески, спортски уредник на Битолски весник.
Ранг-листата на најдобрите спортисти се одредуваше според бројот на гласовите на читателите на Битолски весник. На првата манифестација – избор на десетте најдобри спортисти на Битола за 1964 година најмногу гласови имаше за боксерот на „Работник”, Трифун Робев.
На второ место се пласира шахистот Борче Илиевски, а на трето – фудбалерот Василе Стојановиќ.
Понатаму, на првата ранг-листа на најдобрите спортисти се најдоа: ракометарот Благоја Багевски, атлетичарот Асен Паунов, шахистот Димче Илиевски, боксерот Ашим Керимов, фудбалерот Боге Тасевски, скијачот Слободан Павловски и стрелецот Томислав Алтипармаковски.
Меѓу кандидатите што собраа повеќе гласови, а не се најдоа на ранг листата на десетте најдобри беа и следните спортисти: Вангел Петков (ракомет), Витомир Гаштевски (фудбал), Бранко Чурлевски (ракомет), Коле Ивановски (фудбал), Вангел Симев (ракомет), Трајче Пасков (гимнастика) итн.
Првата изборна комисија
Првиот избор на десетте најдобри спортисти на Битола го организираа СОФК-а и Битолски весник. Малата пригодна свечност се одржа во една од салите на КУД „Стив Наумов” во присуство на одбрани гости. Освен спортистите, награда добија и двајцата читатели на Битолски весник: Стевче Караманди од Битола и Владе Јовановски од селото Љубојно, Ресенско, кои погодија како ќе изгледа ранг-листата на најдобрите за 1964 година.
Десетте најдобри за 1964 г.
- Трифун Робев – бокс
- Борче Илиевски – шах
- Василе Стојановиќ – фудбал
- Благоја Багевски – ракомет
- Асен Паунов – атлетика
- Димче Илиевски – шах
- Ашим Ќеримов – бокс
- Боге Тасевски – фудбал
- Слободан Павловски – скијање
- Томислав Алтипармаковски – стрелаштво
Томислав Алтипармаковски (втор десно) беше првиот стрелец од Битола кој уште во 1964 година се најде на ранг листата на најдобрите спортисти на Битола. На фотографијата е заедно со Тоде Огненовски
Браќата Борче и Димче Илиевски