Текст – извадок од книгата – „Битола Калеидоскоп“, автор: Александар Стерјовски, издавач: Конзулат на Република Србија во Република Македонија, Битола 2017 г
Стара фотографија – извадок од книгата: „Битола низ стари разгледници“ Автор: Димче Најдов, Битола 2014 г
Лексемата сарај (saray) во почетокот означувала раскошна куќа, палата, подоцна станал дом на везир, на паша, потоа резиденција за султан, за да стигне до седиште на управна власт. Потеклото и е персиско, во нашата средина ќе дојде преку турскиот јазик.
Битола во османскиот период неколкупати прераснала во средиште на Румелискиот ејалет, оттаму и седиште на везир, па неговиот дом и неговите службени канцеларии да се именуваат со Валијатски сарај. Во градот останал запаметен со најчестата и скратената форма – Сарајот.
Во двевековната валијатска историја на Битола забележени биле пет сараи, сите подигнати на исто место, покрај реката Драгор, на денешното место каде се наоѓаат Градската куќа и дел од Судот.
Првиот потекнувал од првата половина на XVIII век, зашто Битола како валијатско седиште станува токму во почетокот на истиот век. Од каква градба бил и кои придружни објекти ги поседувал, нема податоци,
Ахмед-паша бил првиот валија кој дошол во Битола. Пристигнал во 1751 год. и останал до 1762 год. Се сместил и живеел во сарајот, службен објект кој се користел и при посети на високи личности. Како и повеќето објекти од тој период, бил од дрвена градба. Врз него валијата извршил незначителни градежни интервенции, но останал запаметен и како добротвор. Со лични средства подигнал неколку јавни чешми, извршил корекции врз градските јазови и придонел Битола да стане нешто поубав и почист град.
Неговиот наследник, Али-паша (1762-1765), во 1763 год. целосно го возобновил валијатскиот амам.
Непознато е дали третиот валија, Мехмед-паша, кој на тоа место останал до крајот 18-от век, презел некакви интервенции и врз сарајов и врз комплексот околу него.
Овој познат и влијателен дом не само за Битола, целосно е уништен во пожарот од 1775 год., кога настрадале и поголем дел од станбените и други објекти од регијата.
Веднаш бил возобновен, но и возобновениот нешто подоцна настрадал од пожар.
Во најдолго сеќавање останал претпоследниот, Четвртиот сарај, подигнат во 1831 год. од Ахмед Ејуп паша.
Сличен му бил на денешниот објект на Завод и музеј, но значително поголем и пораскошен. Марко Цепенков, кој извесен период живеел во Битола, велелепноста му ја споредува со т.н. „Палатата на Змејот од Пелистер”.
Ласкави оценки оставиле и многумина други. Настрадал за време Првата светска војна.