Цапари е планинско село оддалечено 15 км од Битола, на падините на Баба Планина на надморска висина од 1.010 метри. Цапарски или Вистински вир е сместен во горниот дел од селото и до негова близина води тесен асфалтен пат, по што се продолжува пеш околу 200 м.
Иницијативата за уредување на вирот започна во 2015 година кога е дограден ѕид кон стариот вир со што значително се зголеми капалиштето, а воедно се уреди и околниот простор со клупи за седење и мостови за полесен пристап кон другата страна на реката.
Жителите на Цапари велат дека ова е вир само за вистински мажи и дека се ретки тие кои можат да ја издржат ладната вода на Цапарска Река дури и во летниот период. Интересен е податокот дека на ова место во зимскиот период за време на Христијанскиот празник Водици се фрла светиот крст.