„Бил некој бег многу задрт и пимпирлија.
Живеел некаде кај Девеани.
Кај него работел некој момок, младо и пргаво момче штотуку дојдено од село.
Негово задолжение било преку цел ден да работи околу куќата и околу бавчата, но да носи и вода од некој извор од некое далечно лозје кај Сива Вода.
Таа за бего била најслатка и само од неа сакал да ја пие.
Кутрио момок капнат по тешката работа, морал уште и секој ден еднаш, понекогаш и двапати со стомна во рацете да оди до Сива Вода.
Се враќал со нозе одвај шо го носат. Така со години. Веќе му се боктиса живото.
Еден ден си рекол:
‘Ај да пробам, да му однесам друга вода, дали ќе ја познај?!’
Така и напрај.
Од кај ќе полни, од Драгоро ќе полни!
Ја наполнил стомната некаде под Мосто кај Сали, си легнал во близината во нивјето, оти таму некогаш имало само нивје и чекал да му дојди часо за враќање.
Кога дошол, станал и тргнал назад.
Ги влечкал нозете и сега како да се враќа од Сива Вода.
Штом го вишол, бегот побарал да пие оти имал нешто солено јадено.
-Од истиот извор наполна? – праша, како шо прашувал и секој ден.
– Од истио, бегу!
– Чудно, ми се гледа поинаква!
‘Леле, ја позна’, се исплаши момокот.
– Ми се гледа послатка и поубаа! – вели бего.
Оттогаш момоко му носеше само драгорска вода и уживаше.
Текстот е извадок од книгата „Реката Драгор“, автор Александар Стеровски, издавач: НУУБ „Св. Климент Охридски – Битола“ – Анегдоти поврзани со Реката Драгор, Битола 2009 година