Домот на Армијата или Офицерски дом е споменик на културата на Република Македонија. Неговата изградба започнала во 1909 г., но набрзо потоа Битола ја зафатиле Балканските војни и Првата светска војна. Oбјектот бил довршен по завршувањето на Првата светска војна.

Одборот за градба на Офицерскиот дом фотографиран пред објектот


Архитектонскиот израз на објектот е карактеристичен за периодот на историцизмот во европската архитектура во смисла на план, украси и композиција на маси, со тоа што на објектот се во голема мера нагласени и ориентални, односно “маварски” елементи.
Појавата на овие елементи во Битола е нормална кога се работи за објекти градени во периодот на турското владеење.

Концепциски објектот е замислен како синтеза на палата и тврдина. Елементите на палата се во конципирањето на просторот и масите, a елементите на тврдина се видливи во монументалното просторно потенцирање на масите од трансептите и секундарната декоративна пластика изведена во вид на топовски цевки.

Офицерскиот дом бил користен од турската, српската, бугарската, југословенската и на крај од македонската војска. Може да се рече дека „златен период“ на овој објект се шеесетите до осумдесетите години на 20 век кога вратата се отворала само за генерали и офицери.
Во салата за балови бил донесен луксузен лустер од скопскиот Офицерски дом, кој беше урнат во земјотресот 1963 година.
Тука престојувале Маршал Тито, Сулејман Демирел, шахистот Kарпов и др.

По напуштањето на Офицерски од страна на АРМ, фасадата беше реновирана но објектот никогаш повторно не беше ставен во функција. Истиот беше употребен за снимање во неколку филмови, во внатрешноста и дворот беа организирани различни манифестации, но никогаш не се најде трајно и одржливо решение.
Во 2020 година од страна на Општина Битола е започнато целосно реновирање на објектот.
Денес во објектот „Офицерски“ е сместена јавната општинска установа од областа на културата и уметноста „Културен и информативен центар Битола“ или скратено КИЦ Битола.
Локација