Војвода одит Битола,
невеста одит на вода
со двене стомни шарени.
Војвода што е велеше:
— Невесто, жити два брата,
јас нешто ќе те опитам,
ти мене прау да хажиш!
Имате село големо,
ал’ имат моми убави,
ал’ имат мома за мене?
Невеста што му велеше:
— Војводо, жими два брата,
вистина село големо,
ми немат моми убави,
саде золва ми Бојана,
и таја ми е свршена
у Димитрија Робета
за Делипала Никола.
— Невесто, жити два брата,
ал’ можиш да ја премамиш?
— Војводо, жими два брата,
јас можам, како не можам,
јас можам да ја премамам:
Татко е ќ’ одит на пазар,
мајка е ќ’ одит на гости,
а брат е ќ’ одит на дрва.
Ти да ми дојдиш на порта,
ти да ми кљукниш на врата.
Ќe ја потерам золва ми: „
Сестрице, Бојо, Бојано,
кој кљукат, Бое, на врата?
Излези на мала врата:
Мајка си идет од гости,
татко си идет од пазар,
в пазува носит симиче,
в џепои носит хостени”.
Боја ќ’ отворит вратата,
ти да ја фатиш за рака,
прау патем да ја не носиш,
прау црква да ја однесиш;
да викнеш девет попои!
Кога ќе Боја венчает,
вратата да ја затвориш!
С измами Боја, излезе,
часот војвода ја грабна.
Бојана љуто проколна:
— Оган ја мавнал Битола!
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год