Грчки Конзулат – Конзулска Битола

Во редот на земјите кои покажувале особен интерес за воспоставување на дипломатско претставништво во Македонија била и грчката држава. Додека големите Европски држави тоа го правеле од економски, политички и стратешки интерес, Грција сакала да се оствари нејзиниот толку посакуван “Мегали идеја” односно проширување на нејзината територија кон Македонија и претворање на целокупното население во Грци.

Според тоа логично било да се очекува Грција, како единствена независна држава на Балканот, да пројави интерес за отворање на свои дипломатски претставништва во Османлиската држава.

Таков бил случајот во Битола, во која немало Грци, туку релативно поголема влашка заедница, од која повеќе влијателни личности ја поддржувале или се приопштувале кон големо грчката пропаганда. Решение за отворање на грчки конзулат во Битола, било донесено уште во 1853 год., но веројатно заради избувнувањето на Кримската војна истата година и прекинувањето на дипломатските односи помеѓу Османлиското царство и Грчкото Кралство, тоа не им се остварило.

По нормализирањето на нивните односи Грција добила можност да ја оствари својата поранешна одлука. Така во 1859 год. бил отворен грчкиот Вице конзулат на чие чело бил искусниот дипломат Герасимос Валијанос.

Во 1863 год. прераснува во Конзулат.

Со ова започнува организираното делување на грчката дипломатија во овој регион, најчесто со пропаганден карактер, реализиран преку свои здруженија во Битола, а секако во соработка со битолската патријаршиска Митрополија.

Во 1865 год., нов Грчки конзул станал Вангелиос Антипас, по професија лекар од Кефалонија. Тој особено се ангажирал во попречувањето на отворањето на училишта на народен јазик во Битола. Влијанието на грчкиот конзул и прогрчките елементи во Битола се повеќе се засилувале, а грчката пропаганда се повеќе земала замав, за која цел грчкото кралство одвојувало големи финансиски средства.

Меѓу конзулите што раководеле со грчкиот конзулат во Битола, освен двата споменати продефилираа: Ѓорѓиос Донас, Костадинос Панурје, Н. Фондание, К. Вецос, К. Пезос и др.

По Илинденското востание, пропагандите на соседните држави во Македонија се манифестираат со уфрлување на вооружени чети во што предначи грчката вооружена пропаганда преку андартските чети, кои најчесто ги практикувале убиствата, присилата и теророт, со осмислен асимилаторски притисок врз македонското население. Со сето ова грчкиот конзулат во Битола, станува штаб за организирање и раководење на грчката воена интервенција во Македонија.

Војводата Степа Степановиќ, излегува од Грчкиот Конзулат во Битола, 1912 г


Зградата денес, некогашниот Грчки конзулат
ул. Кирил и Методиј бр. 6-б

Објектот е изграден во 1903 год. како сопственост на црквата Св. Димитрија, а веднаш потоа бил даден под наем на грчкиот конзулат кој го користел се до 1912 год.
Објектот е граден под влијание на архитектонските стилови во Западна Европа при крајот на 19 век со елементи на барокна и класицистична декорација. Монументален изглед на објектот му дава влезната партија составена од надворешни скали и два балкони. Фасадата е богато декорирана со дорски канелирани столбови на скалите и балконската партија, балустрадното решение на балконите, огради со керамопластични украси, лента со брановидна линија пластично изведена под кровниот кордонски венец.

Извадок од публикацијата – Конзулска Битола

Автор: Никола Миновски

НУ Завод и Музеј – Битола
2002 г.