ОД БИТОЛА ПОЈДОВ – Народни песни во кои се спомнува Битола

Од Битола појдов,

во Прилеп си дојдов,

прилепските моми

сите тутунарки.

Битола, ѓене бабам Битола,

Манастир, ѓене кузум Манастир!

Од Прилеп си појдов

и во Велес дојдов,

велешките моми

сите се стомнарки (грнчарки).

Битола, ѓене бабам Битола,

Манастир, ѓене кузум Манастир.

Од Велес си појдов,

и во Скопје дојдов,

скопските моми

сите се брашнарки.

Битола, ѓене бабам Битола,

Манастир, ѓене кузум Манастир!

Од Скопје си појдов,

во Тетово дојдов,

тетовските моми

сите се грашарки.

Битола, ѓене бабам Битола,

Манастир, ѓене кузум Манастир.

(И така понатаму се редат други градови на Македонија и надвор од неа и за момите од сите тие градови се наоѓа по некоја маана и им се дава прекар).

Насекаде појдов

пак Битола дојдов,

битолските моми

нигде не ги најдов.

Битолските моми

на цел свет ги нема!

Битола, ѓене бабам Битола,

Манастир, ѓене кузум Манастир!(1))

(1) Дословниот превод на овие два стиха гласи:

Битола, пак татко мој, Битола.

Битола, пак јагне мое, Битола:

Но, понекогаш зборот „бабам” значи и нешто превосходно, што има најмногу особини од сите други нешта, па и тука би можело да се земе во таа смисла, што ќе рече многу убава во секој поглед Битола.

 

Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА

Народни песни во кои се спомнува Битола,

собрал, предговор и речник напишал

проф. Филип Каваев

Издадена: Битола, Октомври 1969 год