ПРОШЕТАЛО СЕ ДЕВОЈЧЕ – Народни песни во кои се спомнува Битола

Прошетало се девојче
низ равно поле Битолско,
на среде поел бел чад’р,
под чад’р седат терзии,
терзии белогратчани.
Девојче им се милно моли:
— Терзии белогратчани,
да ми скроите широк ф’стан!
Без мера да го скроите,
без игла да го шиете,
без конец да го зберете!
Терзии нејзе и велат:
— Девојче мори ѓаволче,
ти да ни месиш погача:
Без сито да ја отсееш,
без вода да ја замесиш,
без огин да ја испечеш!
— Терзии море терзии,
терзии белогратчани,
јас ќе ви месам погача,
сос клепки ќe ја отсеам,
со с’лзи ќе ја замесам,
на гради ќе ја испечам!
— Девојче мори ѓаволче,
ќе ти скроиме широк ф’стан:
На сенка ќе ти мериме,
сос раци ќе го скинеме,
со жили ќе го збереме!
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год