СИНЕ СТОЈАНЕ – Народни песни во кои се спомнува Битола

— Еј бреј Стојане, сине Стојане,

свршеницата ти се посврши. —

— Ох мори мајко, ох мила мајко,

нека се врши, нека се мажи;

Јас ќе си идам в гора зелена,

в гора зелена да се обесам;

или ќе идам во река Вардар,

во река Вардар да се удавам.

— Еј бреј Стојане, сине Стојане,

зошто да одиш в гора зелена,

в гора зелена да се обесиш;

или да одиш во река Вардар,

во река Вардар да се удавиш?

Јас ќе отидам в града Битола,

ќе ти посвршам зенгин вдовица,

зенгин вдовица, дуљбер Марика,

дуљбер Марика, ем миразџика.

 

Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА

Народни песни во кои се спомнува Битола,

собрал, предговор и речник напишал

проф. Филип Каваев

Издадена: Битола, Октомври 1969 год