Се прошетав низ Битола,
низ Битола, низ чаршија,
та си видов малој моме,
на едно порте седеше.
Јас му реков „Добро вечер”
то ми рече „Дојди вечер”!
Дојди вечер, ама побргу,
оти порти ќе заклучам
со две сламки ‘режнови.
Ќe му удрам две сурмиња,
две сурмиња лозинкови;
од никаде не ќе можиш,
не ќе можиш да поминиш!”
Тук’ се умам, тук’ се чудам:
Кај момето не се оди,
не се оди с’ празни раце.
Та си појдов во чаршија
да си купам суво грозје, .
суво грозје, леблебија.
Дури пари да расипвам,
дури пари да погодам,
ми се стемни, мрак ми падна,
та се вратив кај момето.
Тешки порти затворило
со две сламки ‘рженови,
со сурмиња испотпрело,
со сурмиња лозинкови;
од никаде не се врви.
Тук’ се чудам, тук’ се умам!
Та се качив на авлија,
од авлија на куќата,
па полека до баџата,
кроткум, кроткум во куќата.
Па си слегов на ноќвите,
па му слегов на момето,
на момето на креветче.
Та си легнав со момето,
со момето под јорганче;
па го ватив за гушата,
му потропна гушничето.
Бог да бие стара мајка,
што му вели на момето:
— Ој ти ќерко, мила ќерко,
што ти тропна ѓерданчето?
Стани, ќерко, запали го,
запали го кандилцето!
Да видиме кој ни тропна,
кој ни тропна на полноќи.”
— Еј ти мајко, стара мајко,
да ти кажам, ќе се смееш,
ќе се смееш, ќе беснееш.
Сиво маче глувче збрка,
па ми скокна на гушето,
та ми тропна гушничето.
— Ај ти ќерко, мила ќерко,
лажи, керко, кого лажиш,
мајка, ќерко, не се лаже.
И јас си бев, мила ќерко,
и јас си бев како тебе.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год