Испадна Ќучук Сулејман,
Ќучук Сулејман качак да оди,
пари да збира село Долнени,
на село да седи кафе да пие.
Та што ми појде во град Битола,
во град Битола, кај валијата,
имза да даде, имза да земе:
Што ќе утепа, да не се бара,
кој ќе го убие, да не го барајат.
Та ми отиде Дренско, Смоленско,
та ми ги собра сите дреновчани,
сите дреновчани и сите смоленчани,
та ми ги мачи и ми ги суди,
вршник на глава,море, му клава,
вршник на глава, спици под нокти,
та ми ги пита и распитва:
“Дали ви текнува зошто ве мачам?
Да ми зберете триста ока маст,
да ми зберете триста ока мед,
да ги занесете во града Прилепа,
за да ги јадат моите деца.
” Бог да го убие Иљо Дреновчанче,
тој ми отиде во града Прилепа
да ми го бара тој Ѓорѓи Лажот,
тој Горѓи Лажот и Црни Аце.
Та си ги нашол и вака им вели:
„Горѓи бре Лажот, и ти, Црни Ацо,
дерман немаме од Ќучук Сулејман.”
Тогај изговори Ѓорги бре Лажот:
„Лесно ќе ја биде и таја работа!”
Пари ми собра тој Ѓорѓи Лажот,
сос нив си купи до две манзерки,
та ми киниса да ми го бара,
да ми го бара Ќучук Сулејман.
Ми ти го нашол Дренска планина,
Дренска планина, кај бачилата,
скрсноѕе седи Ќучук Сулејман,
песна си пее, сос гитара свире:
„Ми испаднале Горѓи и Ацо,
ми испаднале мене да фатат.
Ако пак јас нив ги фатам,
ако ги фатам, живи ќе ги мачам.”
Се допре Ѓорги малку до него,
прво тргање в десната страна.
Та ми падна Ќучук Сулејман,
тој ми падна, фесот му с’ одвале.
Та ми го кладе Горѓи бре Лажот,
та ми го кладе на негова глава,
та ми се гледа дал’ го прилега,
дал’ го прилега бег да ми биде.
Тогај проговори Ќучук Сулејман:
„Многу те прилега, поубо од мене,
поубо од мене, бре Горѓи Лажот.”
Тогај му вели Горѓи бре Лажот:
„Слушај бре ваму Ќучук Сулејман,
Што ќe ти речам, мен’ да ме слушаш;
Жив да те оставам, да не те кољам,
ќе ти се качам на рамената
да ме изнесеш горе на ридот.
Малку е место, сат и полојна,
ни „оф” да речеш, ни „оф” да кажеш.”
И му се качи, и го изнесе.
Почна да го мачи Ѓорги бре Лажот.
Тогај му веле Ќучук Сулејман:
„Слушај, послушај, Горѓи бре Лажу,
триста лири турски јас си носам,
сите триста тебе ке ти дадам.”
Ѓорѓи нему вака му вели:
„Дељми си носел, уште поарно,
ќе ми исплатиш денгубнината.
А дали знаеш кога ме фати
во тоа село Долно Коњари,
кога ме фати со три ока тутун,
кога ми удри триста ока ќотек?
Ете за тогај јас ќе ти платам!”
И си.стана, глава му отсече.
.
Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год