БОЛНА МАРА – Народни песни во кои се спомнува Битола

Мара на постела лежеше,
душа береше;
и до неа малка и сестра
солзи ронеше.
Мара на сестра и велеше:
— Ти, мила сестро,
ја подај ми бела книга, црно мастило;
да напишам жално писмо —
последна дума.
Однеси го град Битола,
Влашка Чаршија,
таму е моето либе абаџија:
— Пари што е спечалил
да не растура;
јас скоро ќе си умрам,
не ќе го видам.
Да ме жали три години,
дур’ да иструлам;
на четвртата година
да се ожени;
друго либе да си земи
на мојто место!

Преземено од книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
собрал, предговор и речник напишал
проф. Филип Каваев
Издадена: Битола, Октомври 1969 год