Хидрографските прилики на Битола и нејзината непосредна околина се условени и детерминирани од геолошките, геоморфолошките и климатските карактеристики.
Низ Битола тече реката Драгор во должина од 4,5 км.
Драгор настанува од повеќе мали реки и тоа од Диховскиот Драгор (во должина од 12 км. чии изворишен дел го чинат повеќе водотеци што извираат од падините на Пелистер и тоа: Сапунчица, Лак поток, Црвена река и Клисурица) и Братиндолскиот Драгор или Бороица.
Вкупната должина на р.Драгор изнесува 25,123 км со обем на вододелниците од 67 км, слив од 188 км2 и среден пад од 17,0 ‰ .Количеството на вода во реката зависи исклучиво од врнежите и подземните води на Баба и Пелистер. Просечниот протек на р.Драгор низ градот од ноември до јуни изнесува 2 – 3 м3/сек. Статичкото ниво на подземните води во различни подрачја од градот е различна и се движи од 0,50 м па се до 6,50 м.
Од бројните бунари во градот поради урбанистичката изградба нивниот број е речиси преполовен и во повеќето од нив водата е загадена од отпадни води.
На 22 км од Битола се наоѓа вештачкото акумулационо езеро “Стрежево“ кое е значаен хидрографски објект за Битола и битолско. Ова езеро зафаќа волумен од 112.000.000 м3 вода, длабочина кај браната од 72 метри, површина од околу 7 км2, просечна ширина од околу 1 км и должина од 7 км.
Други хидрографски објекти се базенот “Довлеџик“ кој е компензационен базен со должина од 170 м., ширина 60 м., волумен 13.600 м3 вода, длабочина околу 3 м и капацитет од 2 – 3.000 капачи, и “Олимписки базен“ со димензии 50 х 25м. , како и по еден детски базен на двете места. Во жешките летни денови двата хидрографски објекти се користат за капење и рекреација. На врвот на планината Баба – Пелистер се наоѓаат две леднички езера, повеќе познати како “Пелистерски очи“ – Големото и Малото езеро.