Познато е дека таткото на модерна Турција – Мустафа Кемал Ататурк во 1899 година во Битола завршил средно воено училиште. Иако постојат доста информации за неговиот успех и поведение во училиштето, малку се знае за неговиот приватен живот.
Според една легенда, најголемата љубов на Мустафа Кемал Ататурк била токму од Битола, односно тоа била убавата Елени Каринте.
Во спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк, во музејот во Битола на посебно пано е претставено писмото, кое наводно Елени Каринте го испратила до својата непреболена љубов.
Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк – НУ Завод и музеј Битола
До Кемал Ататурк, некаде и некогаш !
Поминаа толку години, а јас сеуште, секој ден, чекам абер од тебе. Ако некогаш го добиеш ова писмо, сети се и види ги солзите на хартијата. Годините си врват, овде сешто се зборува за тебе, нешто се случува. Ако го читаш писмово додека љубиш друга жена, искини го и прашај ја дали верува дека некоја си Елени Каринте од Битола, го потрошила цел живот за човек со кого била само еден ден ? А, ако ја љубиш неа, како што јас те љубам тебе, не и кажувај ништо, нека биде среќна како што си ти ! Ако пак сеуште ја паметиш девојката од балконот и не љубиш друга, знај дека те чекам и дека ќе те чекам цел живот ! Знам дека ќе се вратиш, дека не си ме заборавил. Татко ми умре. Има цела година од оној ден од кога ме грабна од тебе, ме заклучи дома и не ме пушти цел месец. Не плачев, знаев дека џабе му се сите катанци и затвори. Човекот со кој тој сакаше да се венчам го видов само еднаш и ме праша дали ќе можам да го љубам ? А јас му реков: “Не, јас си го љубам првото либе!” И повеќе не го видов. Татко ми никогаш не ми прости, а ни јас нему. Не сум веќе млада и убава како тогаш…..
Цел живот во еден ден!
Вечно ќе те сака и секогаш ќе те чека твојата Елени Каринте.
Куќата во која живеела Елени Каринте на главната улица Широк Сокак
Елени била убава девојка од позната влашка христијанска фамилија со куќа на главната улица – Широк Сокак. Не е утврдено дали навистина имало нешто помеѓу неа и Мустафа Кемал, но според горе наведената легенда, нејзината љубов со муслиман била голем срам за нејзиното семејство, па таа била испратена во Лерин (Флорина), каде била омажена за човек кој не го сакала.
Љубовната сага за балканските Ромео и Јулија во Битола се пренесува од генерација на генерација, но во последните неколку години таа станува навистина актуелна. Веќе се снимени и филмови на оваа тема и се повеќе туристи кои доаѓаат во Битола, сакаат да го видат писмото кое Елени никогаш не го испратила и куќата во која живеела.
Прочитајте повеќе…