Безистенот, изграден кон крајот на 15 век и е еден од најстарите сочувани споменици во Битола и значаен сведок на нејзиното трговско и урбано минато. Оваа масивна градба првично служела како покриен пазар, наменет за трговија со скапоцени ткаенини, фини платна и везови.

Покрај трговската функција, Безистенот имал и важна административна улога. Тука се чувала оставината на починати граѓани кои немале наследници – пари, накит, оружје, скапоцени платна, прибор за пушење и пишување, како и ракописи. По нивната смрт, овие предмети станувале сопственост на државата и биле безбедно складирани зад дебелите ѕидови на Безистенот.
Објектот бил основан од везирот Кара Даут Паша Узунчаршили. Изграден е од камен и тули, со сводови и лаци од тули, што му дава цврстина и изглед на тврдина.

Според сведоштвата на познатиот османлиски патеписец Евлија Челебија, во 1667 година пазарот бил ограбен од разбојници. По овој настан, биле воведени ноќни чувари, а движењето низ пазарот ноќе без запален фенер било строго забрането.
Фортификацискиот изглед на Безистенот не бил случаен. Данокот собран од Битолскиот вилајет, пред да биде испратен во царските благајни, се чувал во подрумските простории, во сефови заштитени со масивни ѕидови и тешки железни порти.

Низ вековите, Безистенот бил повеќепати реконструиран. Својот денешен изглед го добива во 20 век, кога биле оформени портали и четири влеза во необарокен стил. Патеписците запишале дека пазарот имал три внатрешни улици и дури 84 продавници.

Во текот на 20 век, Безистенот продолжил да живее како трговски простор – најпрво за продажба на текстил, а подоцна и за прехранбени производи како месо, овошје и зеленчук. Во 1980-тите години, објектот бил преуреден во модерен трговски центар, прилагодувајќи се на современите потреби, но задржувајќи го својот историски карактер.