Црквата Св. Богородица е сместена на влезот од село Трново. Изградена во 1854, таа била тешко оштетена за време на Првата светска војна и голем дел од нејзиниот имот исчезнал без трага.
Нејзиниот вреден иконостас бил расклопен од страна на бугарските војници со намера да биде однесен во Бугарија, но тоа не им успеало, па така овој иконостас комбиниран со иконостасот од црквата Св. Димитриј од Магарево (која исто така била тешко оштетена) биле поставени во црквата Св. Богородица Битола.
Во 1930 година црквата била обновена од страна на локалното население и повторно станала центар на духовниот живот во ова село.
Дворот на црквата е едно од омилените места за пикник за локалното население и за битолчани, а исто така за време на летниот период тука се одржуваат и манифестации од меѓународен карактер.