ЖИВОТВОРНА ИКОНА ВО СЕЛО МАГАРЕВО (Битолско) – Приказни и преданија од Битола

Близу до Битола, колку саат и пол, ет селото Магарео. Тамо имат црква напраена, пред дваесетина години, на темелите од старата црква што била од памтивека. На црквата храмо и е Света Богоројца. До црквата близу колку 30—40 чекори има едно светена вода; до водата имат еден даб, и тој од памтивека. Кога се напраила старата црква, дабот бил уште понапред тамо пораснат, чунки самата света Богоројца била дојдена на дабот и застаната во едно малко иконче.
Кај што застанала иконата, тоа време на дабот си напраила како камара и се обградила околу наоколу внатре, та само колку едно пенџерче мало останало, колку лицето на Богоројца да је се гледат. Многу пати дабот бил изделкан околу иконата и иконата била земена од некојси луѓе неверници и што не и напраиле за да ја сотрат, арно ама, сполај је нејзе, пак си одела во дабот и брго-брго ќе порастел дабот кај што бил исечен и ќе ја закриел иконата.
И така си стоит и ден-денеска. Храмот на црквата е Мала Богоројца (осми септември). Мнозина болни одат и се мијат од таа вода за здравје. Дабот ет дебел колку три-четиримина да го преграбат. Немат стар чоек што да го паметуат дабо кога бил мал. Голем го знаат, се голем и дебел.

Преземено од: ПРЕДАНИЈА, Книга седма
Автор: Марко К. Цепенков
Редактирал д-р КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ
Соработник БЛАЖЕ ПЕТРОВСКИ
Издавачи МАКЕДОНСКА КНИГА ИНСТИТУТ ЗА ФОЛКЛОР
СКОПЈЕ -1980